Верниците следниот четврток на 2 јуни го прославуваат Спасовден, празник кој се одбележува 40 дена по Велигден, а десет дена пред Дух ови и секогаш е во четврток. Празникот Спасовден секогаш се слави четириесет дена по Велигден. Датумот го менува, како и Велигден, но денот не. Секогаш се празнува во четврток.
На Спасовден за последен пат во тековната година се вапцуваат црвени велигденски јајца, а бојата од котлињата или тенџерињата во кои изминатите 40 дена се вапцувале велигденските јајца се истура во чиста вода во селската река. Котлето или котлињата се измиваат и се оставаат на сигурно место, до идната година на величетврток.
Во претпладневните часови на Спасовден се оди на празничен излет во месноста Покладишќа, каде што сега е изграден мошне убав црковен храм „Св. Спас“. Се носат црвени велигденски јајца нешто за пиење и јадење, се посетуваат лековитите изворчиња и чешмичиња, при што во водата за здравје се фрлаат метални парички.
Овде се кршат и јадат последните црвени велигденски јајца. По убаво поминатиот претпладневен излет на враќање за дома се кинат билки и се кршат гранчиња со штотуку формирани оревчиња. Потоа се оди на пладневна литургија во селската црква, каде што пред иконостасот се остават ореовите гранчиња, симболично означувајќи го формирањето на плодовите на родните дрвја.
Вечерта се оди на ракија во куќите во кои има крстено име Спасе.Спасовден во Вевчани се слави три пати во годината и тоа како пролетен, есенски и зимен празник. Во сите тие денови обичај е да се оди во манастирот Св. Спас (Горни).
Таму се ноќева, се принесуваат дарови кои потоа се лицитираат и продаваат како приход за манастирот. Свети Спас се смета како заштитник на селото можеби затоа луѓето вовеле уште два празнични денови за него.
Зимскиот празник е воспоставен заради печалбарите, а есенскиот за здравје на добитокот. Тоа се случило многу одамна кога во селото настанал помор на добитокот. Заради неговата заштитничка моќ, култот кон овој светец се проширил и кај другите жители од околните населби, особено во селото Велешта кое е од исламска вероисповед.
А еве како се случило тоа: Во селото Велешата пцовисувале кравите. Некој велештанец си работел на нивата ноќе. Одеднаш забележал како се дигнал син пламен од над Велешта и се упатил над полето вевчанско. Тогаш одозгора од кај планината над Вевчани му се пуштил црвен пламен. И тие двата се тепале, се тепале како петли кога се бијат.
Тогаш синиот пламен паднал на земјата, а црвениот се вратил назад кон планината. Утредента уште рано во Вевчани дошол човекот кој го видел тоа и им го раскажал на Вевчанци.
А тие го прашале: „Веруваш ли ти во тоа?“ „Зошто да не верувам, рекол тој, кога јас го гледав цело време“. „Е, ако уште не ти пцовисале кравите твои да ги донесеш во Вевчани“, му рекле луѓето. Човекот го сторил тоа и така си ги спасил кравите.
Со празникот Спасовден се поврзани голем број обичаи и верувања од кои поголемиот број имаат претхристијанско потекло. Во таа смисла истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанскиот период се празнувал празникот на божеството Спас, кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето.
Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите. Во таа смисла е и песната „Свети Спас го обиколува полето” во која се опева токму ваквата улога на светецот што ја наследил од старото паганско божество.
Свети Спасе зелен класе! Свети Спасе коња кове, коња кове за полето, да си иде ју полето, да си види берикето, арен ли е, добар ли е, или си е како што е? Море мале, стара мале, есеното са класуе, пролетното са никнуе. Љутен ојде смешен дојде, свети Спасе зелен класе!
На овој ден луѓето ги посетуваат црквите што го носат името „Свети Спас” и носат разни подароци. Некои за здравје преспиваат под иконата, а други кога ќе се разболат се ветуваат (се таксуваат) дека еден период ќе служат во црквата.
Во радовишкото село Ињево, како што е забележано во некои записи, на овој ден се правел голем собор. За курбан се колел бик кој се готвел на средселото и се послужувале сите присутни.
Во Гевгелиско пак, се верувало дека Свети Спас е тежок празник и аталија, дека тој може да спаси, но и да казни. Луѓето што одгледувале свилена буба на овој ден береле шума и кога ќе дојдело времето на свилената буба да и се дава шума најпрвин ја давале шумата набрана на овој ден.
Меѓу верувањата поврзани со овој ден се и оние запишани од М. Цепенков. За овој празник се врзани многу верувања и суеверија, кои во некои краишта се уште се почитуваат. Старите верувале дека од Нова година до Спасовден не треба да се пие млеко.
Се верувало дека на Спасовден мажите не треба да се бричат, жените да се мијат, а децата да се бањаат. На Спасовден никако не треба да се спие преку ден, за да не се дреме цела година. На тој ден богатите после одењето од црква повикувале гости на ручек, а помалку богатите го продолжувале дружењето пред црква, каде народот се собирал и веселел.