Цикоријатата им била позната и на лекарите уште во првиот век и често ја користеле за регенерација на црниот дроб и при други проблеми со дигестивниот тракт. Особено се користела како салата при консумирање на масни јадења за да се стимулираат жолчните сокови.
Цикоријата, или Cichorium intybus, е билка со сини цветови што расте како градинарска и како дива билка, на лекарите им е позната уште од првиот век на новата ера. Иако во медицината има широка примена, цикоријата често се употребува и како додаток во јадењата.
Листовите од билката, како и другиот листен зеленчук, може да се додадат во салата или да се служат одделни, а пржениот и иситнет корен од цикорија често се додава во кафето во Европа и САД.
Цикоријата додадена во кафе ја надополнува оваа популарна напивка, бидејќи проучувањата покажуваат дека лактуцинот и лактуопикринот (двете материи од цикоријата што и’ даваат малку горчлив вкус) може да имаат дејства спротивни на дејствата на кофеинот поради седативното дејство врз централниот нервен систем.
Се смета дека цикоријата е и лаксатив и дека го зголемува протокот на жолчката. Може да се користи за лекување на костобол и ревматизам, бидејќи дејствува како лесен диуретик, зголемувајќи го исфрлањето на течностите од организмот. Листовите од цикорија се употребуваат и како облога за лекување кожни воспаленија и отоци.
Цикоријата го подобрува целокупното здравје. Особено нејзиниот корен, бидејќи е богат со полифеноли, кои се антиоксиданти. Чајот од цикорија го забрзува исфрлањето на токсините од телото, ги чисти и штити сите наши органи и ја стимулира работата на нашиот имунолошки систем.
Некои студии покажуваат дека екстрактот од цикорија го намалува развојот на тумори. Супстанцијата наречена фруктан е одговорна за нејзиното антиканцерогено дејство. Има особено добар превентивен ефект врз карциномот на дебело црево и дојка.
Цикоријата ги поседува најделотворните ефекти врз нашиот дигестивен тракт. Ја стабилизира работата на органите за варење и ги елиминира дигестивните проблеми. Ефикасно го смирува желудникот, ги намалува проблемите како резултат на гастритис, колитис и ја подобрува апсорпцијата на хранливите материи во организмот. Инулинот има пробиотички ефект кој ја зачувува и обновува цревната флора и го забрзува варењето на мастите.
Бидејќи содржи влакна и витамини, има моќен ефект врз правилната перисталтика на цревата, како и врз лачењето на гастричен сок. Олигофруктозата која се наоѓа во цикоријата придонесува за воспоставување на рамнотежа на цревната микрофлора. Ова влијае на совршеното функционирање на дебелото црево и спречува појава на запек.
Цикоријата помага при намалување на вишокот килограми, бидејќи делува позитивно на метаболизмот и е добар сојузник во одржување на посакуваната телесна тежина. Благодарение на влакната со кои е богата, успешно го регулира нивото на хормони на глад (грелин) во кр-вотокот.
Додека поради содржината на олигофруктоза, цикоријата обезбедува чувство на ситост, со што се намалува внесувањето калории и се олеснува одржувањето на идеална тежина.
Како да направите кафе од цикорија
Веројатно сте слушнале дека цикоријата е одлична замена за кафето. Вкусот е неодолив и пресладок, а се покажа како многу здрава алтернатива на омилениот пијалак на многумина од нас. Популарно се нарекува сиромашно кафе. Разликата е во тоа што не содржи кофеин, но изобилува со лековити својства.
Кафето од цикорија не е комплицирано за подготовка, па можете да го направите сами во домашни услови. Потребен ви е корен од цикорија, а некои го подготвуваат мешано со обично кафе. Коренот се бере на есен, а за подготовка на кафето потребно е добро да го исчистите и измиете.
Исечете го коренот од цикоријата по должина на половина, а потоа исушете го во рерна на температура од околу 50-60 степени. Оставете го да се суши во рерна околу 30 минути, а потоа повторете ја постапката неколку денови по ред додека да се исуши целосно. После тоа, сувиот корен се меле и се добива прав сличен на кафе.
По добиениот состав, сè ви е добро познато. Кафето од цикорија се подготвува многу едноставно, како и другите топли пијалаци. Една лажичка мелен корен од цикорија се додава на 300 мл вода.
Ставете вода и прав од цикорија во сад и почекајте да зоврие. Потоа варете уште две-три минути на тивок оган. Тргнете го садот од оган, почекајте додека талогот да падне на дното, па процедете го кафето пред консумирање. Ова е всушност најголемата разлика во подготовката.
Консумирајте го овој здрав пијалак додека е сè уште топол, најмногу пред или после оброк за подобро позитивно влијание врз варењето на храната. Ако повеќе го сакате засладен, додајте малку мед, кафеав шеќер или јаворов сируп.
Ако сакате, можете да додадете и цимет или ѓумбир во прав. Стапчињата цимет даваат подобра арома, додајте ги откога ќе зоврие водата. Млекото од соја одлично оди во комбинација со овој пијалак, кој се додава по цедењето, доколку кафето го пиете со млеко.
Рецепти за чај од цикорија
Чајот од цикорија може да се подготви од коренот, дрвјата, лисјата и цвеќињата. Тие имаат малку поинаков вкус, но која варијанта и да ја одберете, вие ќе ја направите вистинската работа за себе и за вашето здравје.
Како да направите чај од цвеќиња на цикорија
Ставете лажичка сув цвет од цикорија во шолја и прелијте со 200 мл врела зовриена вода. Поклопете и оставете чајот да отстои 2 часа, а потоа процедете го. Поделете ја оваа количина и пијте двапати на ден (по 100 мл). Ова е идеалниот пијалак за попладневно релаксирање. Чајот од цикорија ја олеснува нервната раздразливост, а исто така помага при несоница.
Чај од цикорија од коренот на растението
Овој пијалак се подготвува на малку поинаков начин од претходниот. Потребна ви е половина лажичка сув корен, кој треба да се готви 5 – 8 минути на тивок оган во 200 мл вода. Потоа тргнете го од оган и оставете да отстои 15 минути, а потоа процедете го чајот. Можете да пиете до 3 чаши од овој чај на ден.
Мешавина од коренот и лисјата цикорија
Една лажица сечкани суви лисја оди на 100 мл вода. Во чаша ставете една лажица сечкани сув лист и корен од цикорија и прелијте ја содржината со 100 мл зовриена вода. Поклопете и оставете да отстои половина час. Потоа процедете го чајот и пијте по две чаши на ден од овој чај.
Познато е дека чајот од цикорија е добар за правилно варење на храната кој ќе ја регулира вашата столица, а може да се користи и за облоги или за подготовка на тинктури и сокови од цикорија. Чајот има лековити ефекти врз кожата, па така доколку патите од егзема или некое друго кожно заболување, нанесете облога од овој чај и менувајте ја двапати на ден. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска