I РЕЦЕПТ – Шарен куглоф прелиен со чоколадо – вкусен и мек колач, брз и лесен за подготовка. Фотографија и рецепт на Родна Трпеска. Куглофот е секогаш актуелен, лесно се приготвува со намирници кои секогаш ги имаме дома, мек и вкусен за јадење.
Потребни состојки: 4 јајца, 1 шолја (од 150 мл) шеќер, 1 шолја млеко, ½ шолја масло, 1 лимон – рендана кора, 3 шолји брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао во прав Постапка: Јајцата се матат со една шолја шеќер додека да се стопи шеќерот и смесата да стане пенлива.
Се користи шолја од 150 мл и понатаму сè се мери со неа. Во матените јајца се додава една шолја млеко, половина шолја масло и рендана кора од еден лимон (претходно лимонот добро измиен со сода бикарбона). Потоа во смесата се додаваат три шолји брашно помешано со еден прашок за печиво.
Се меша додека да се добие изедначена смеса. Потоа се дели на два дела, а во едниот дел се додаваат две лажици какао и се промешува за да се добие кафеавиот дел. Во намастен калап се истура наизменично од двете смеси или се става едната па другата.
А може и со дршка од некоја дрвена лажица сами внатре промешувате за да направите шари. Куглофот се пече 40 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Печениот колач може одозгора да се полие со чоколадна глазура или само да се нароси со шеќер во прав.
II РЕЦЕПТ – Шарен куглоф – Со едноставна постапка направете го овој вкусен и убав колач. Многу декоративен, но пред се’ – вкусен куглоф. Потребни состојки: 3 јајца, 200 г шеќер, 2 ванилин шеќер, 250 мл масло*, 375 мл млеко + 1 лажица, 450 г брашно, 1 прашок за печиво, 15 г какао.
Постапка: Изматете ги јајцата кои претходно сте ги оставиле на собна температура и постепено додавајте шеќер. Матете додека да добиете густа и светла смеса, па на крај додајте ја и ванилата (јас користев шеќер од трска и ставив само 150 г зошто не сакаме многу благо, а за вас кои сакате послатко, ставете 200 г).
Додавајте постепено масло со постојано матење и на крајот додајте млеко и соединете убаво сето заедно. *Можеби за некого ова е премногу масло, јас овој куглоф еднаш го направив со помалку масло, но тогаш ми излезе малку сув, па така препорачувам да ја ставите целата количина масло, колку што е препорачано во рецептот.
Брашното просејте го заедно со прашокот за печиво. Со жица за матење соединете го брашното со течната смеса, додавајќи по малку, па кога ќе ја соединете првата количина, додајте го и преостанатото брашно. Кој сака може да додаде и рендана кора од лимон или портокал.
Во мала чинија ставете лажица млеко па додајте какао и растопете го во млекото. Целокупната смеса поделете ја на два дела (Кај мене имаше малку повеќе од 600 г секој дел), па во едниот дел додајте го какаото и добро соединете го со смесата.
Калапот за куглоф (најголемиот што го имате) добро испрскајте го со спреј за печење или намастете го со путер и малку набрашнете го. Со лажица наросете од белата смеса насекаде по дното (околу 3 до 4 лажици), а потоа наизменично истурајте кафеава и бела смеса се додека да ви се потроши материјалот.
Вклучете ја рерната на 175-180 степени додека го полнитекалапот, а додека да завршите, рерната ќе се загрее. Печете го куглофот околу 45-50 минути. Пробајте со тенка игла за плетење дали колачот е испечен (ако е влажен и иглата не е чиста, вратете го на пониска температура за да се допече).
Кога ќе се испече колачот, оставете во калапот малку да излади, а потоа свртете го на решетка и оставете го целосно да излади. Куглофот можете да го прелиете со растопено чоколадо или само да го наросите со шеќер во прав, секако е многу вкусен.
III РЕЦЕПТ – Тирамису куглоф за 20 минути готов – Истиот рецепт може да се послужи во чаша или друга форма. Рецептот е многу едноставен, само потребно ви е маскарпоне сирење и ликер од бадем, кои на овој десерт му даваат специфичен вкус.
Оригиналниот рецепт се послужува во чаша, но вие можете смесата да ја спакувате во било каква форма. Овојпат јас се одлучив за куглоф. Потребни состојки: 5 жолчки, 150 г шеќер во прав, 500 г маскарпоне (или домашно крем сирење), 30 мл амарето – ликер од бадеми, а може и рум, 1 филџан кафе, 1 пакување пишкоти, 2 лажици какао за наросување.
Постапка: Жолчките добро изматете ги со шеќерот додека да станат пенасти, потоа продолжете уште неколку минути да ги матите на пареа додека да се зготват и да се згуснат убаво. Оставете ги да изладат, па додајте го маскарпонето и со жица убаво соединете ја смесата.
Пишкотите натопувајте ги во мешавина од кафе и амарето. Се реди еден ред пишкоти, па ред крем, ред пишкоти, ред крем…или кој како сака. Ако правите правоаголна форма, може најпрво да го обложите калапот со пишкоти, на дното и странично, па да го истурите кремот.
Пишкотите можете да ги редите во два слоја или да ги набоцкате вертикално. Истото важи и доколку послужувате во чаши. Ако правите куглоф, тогаш обложете го со проѕирна фолија и пред послужување добро изладете го. Одозгора се наросува со какао во прав./Coolinarika.com
IV РЕЦЕПТ – Неверојатно нежен и вкусен КУГЛОФ, мек, сочен и лесен. Неверојатно нежен и вкусен куглоф. Многу е мек и сочен, лесен… како да е купечки, а домашен. Се приготвува многу брзо и едноставно, со овој рецепт не можете да погрешите.
Потребни состојки: 4 јајца, 200 г шеќер, 100 мл масло, 100 мл топла вода, ½ прашок за печиво, 200 г брашно, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – кора, 2 лажици какао. Постапка: Одвојте ги белките од жолчките. Од белките измиксајте цврст снег. Во друг сад измиксајте 150 г шеќер со 4 жолчки, додека да добиете густа, светла, пенлива смеса.
Потоа постепено додавајте вода и ванилин шеќер – смесата преба да остане пенаста. Со лажица додајте брашно претходно помешано со прашок за печиво, рендана кора од лимон, масло и нежно промешајте. На крај со превртување на лажицата, соединете го снегот од белки.
Одвојте една третина од смесата и додајте какао и 50 г шеќер, изматете со миксер или со жица за да соедини добро. Ќе добиете темна смеса. Во намастен и набрашнет калап за куглоф излевајте наизменично светла и темна смеса. Или прво излејте ја светлата смеса, па во неа излејте ја темната, а потоа со виљушка лесно промешајте за да добиете шари.
Рерната загрејте ја на 180 степени и ставете да се пече куглофот околу 40 минути. Печениот колач откако малку ќе подизлади, извадете го од калапот и наросете го обилно со шеќер во прав или направете чоколадна глазура, па прелијте ја врз изладениот куглоф и наросете по желба со сечкани ореви./Coolinarika.com