Ако ви преостанале варени јајца од Велигден и не знаете како да ги потрошите, еве неколку одлични идеи. Ќе ви претставиме рецепт за многу вкусен и декоративен куглоф, интересни мафини кои многу брзо се приготвуваат, мусака која можете да ја послужите како главно јадење и една многу вкусна салата. Па, да почнете со првиот рецепт:
РЕЦЕПТ 1 – СВЕЧЕН КУГЛОФ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (калап за куглоф 25 см): 10-11 јајца, 1,4 литри јогурт, 6 кесички желатин, 200 г шунка или димен врат, 300 г варен морков, 400 мл мајонез и 6-7 кисели краставички
ПОСТАПКА: За почеток… се чисти морковот и се сечка на коцкички. Се готви на пареа или во вода, ни премногу ни премалку, поточно околу 20-тина минути се доволно. Се варат јајцата. Се сечка шунката, краставичките…
Желатинот се приготвува според упатството на кесичката: 4 лажици ладна вода за една, односно 24 лажици вода за 6 кесички желатин. Се остава да набубри 10-тина минути. Јогуртот малку го замлачуваме да биде топол. За тоа време на пареа го растопуваме желатинот и полека го истураме во јогуртот и промешуваме. Потоа ги додаваме сите состојки освен јајцата.
Половина од смесата истураме во калапот, ставаме во фрижидер околу половина час, па кога малку ќе стегне ги редиме јајцата во круг и прелеваме со остатокот од смесата. Се враќа повторно во фрижидер добро да излади, неколку часови. Потоа малку одвојте го куглофот од ѕидовите на калапот и преврете го врз чинија за сервирање. Уживајте во прекрасниот вкус и изглед!
РЕЦЕПТ 2 – БРЗИ МАФИНИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 средно варени јајца, 1 чаша (од 300 мл) меко брашно, на врв од ножот прашок за печиво, 1 лажичка сол, ½ лажичка мелен црн пипер, ½ лажичка сода бикарбона, 200 мл јогурт, 100 г путер, 2 разматени јајца, 2-3 млади кромитчиња,
Потоа, 100-200 г ситно сечкана сланина (количина по вкус, околу половина чаша од 200 мл), 100-200 г грубо рендан кашкавал чедар (количина по вкус, околу половина чаша од 200 мл) *ако смесата ви се чини течна, додајте малку брашно, а ако е густа, додајте јогурт.
ПОСТАПКА: Варените јајца излупете ги, кромитчето и сланината ситно исечкајте ги, а кашкавалот грубо изрендајте го. Измешајте брашно, прашок за печиво, сол, црн пипер и сода бикарбона, па со мешање полека додавајте јогурт. Потоа, исто со мешање, додавајте растопен путер, а потоа и разматените јајца.
Во тестото додајте сечкано кромитче и сланина, а потоа и кашкавал. Оставете од кашкавалот за наросување одозгора. Убаво промешајте ја смесата. Во претходно намастени калапи за мафини (пожелно е да бидат длабоки) ставете малку тесто. Врз тестото во секое гнездо ставете варено јајце.
Дотурете тесто и исполнете го просторот околу јајцето. На врвот наросете рендан кашкавал и печете во загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути. Печените мафини извадете ги од рерна, малку изладете, извадете ги од калап и послужете ги како предјадење или лесна вечера со салата или тартар сос.
РЕЦЕПТ 3 – МУСАКА – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г мелено месо, 1-2 главица кромид (или 4 страка млад), 2+2 лажици масло, 2 чаши вода, 1 лажица сув зачин, ½ лажичка црн пипер, 6 варени јајца, 1 неварено јајце, 1 лажица брашно, 200 мл млеко, 100 г кашкавал
ПОСТАПКА: Исечкајте го ситно кромидот, па додајте сув зачин, чаша вода и 2 лажици масло, па ставете на оган да се динста. Кога ќе испари водата додајте мелено месо и црн пипер, па налејте уште чаша вода и оставете да се динста заедно со постојано мешање.
Кога водата ќе испари додајте едно јајце и соединете. Намастете еден огноотпорен сад, јајцата пресечете ги на половина и наредете ги свртени со жолчката надолу. Преку јајцата ставете го месото и рамномерно распоредете го.
Загрејте 2 лажици масло, па додајте брашно и малку пропржете го, да остане бело, па налејте млеко и мешајте малку да се згусне. Малку посолете и кога ќе биде готово прелијте преку месото, па рамномерно излејте го сосот. За крај нарендајте кашкавал и ставете да се запече на 150-180 степени околу еден час. Послужете топло.
РЕЦЕПТ 4 – САЛАТА – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8-10 печени пиперки (излупени, исечени на ленти или на покрупни парчиња, 150 г шунка или бело пилешко месо сечено на мали коцки, 3 варени јајца, сечкани, 250 г фета сирење, сол и црн пипер по вкус, малку мајонез и кисела павлака за поврзување на состојките
ПОСТАПКА: Пиперките испечете ги, па откако ќе отстојат малку во кеса и изладат, излупете ги, исчистете ги од семето и исечкајте ги на крупни парчиња. Јајцата сварете ги, па откако ќе изладат излупете ги, па и нив исечкајте ги. Истото сторете го со сирењето и месото или шунката.
Зачинете ги, добро промешајте ги и садот ставете го во фрижидер. Состојките за салатата потребно е да бидат добро изладени пред да се поврзат со мајонезот и киселата павлака. Во изладената салата додајте мајонез и кисела павлака само онолку колку да се поврзат, но вие ако сакате ставете и повеќе. Садот поклопете го и вратете го во фрижидер, до сервирање.