Сите ги сакаат славските ситни колачи, бидејќи сите тие имаат посебен вкус и овозможуваат сладење во само еден залак. Вистински хит на посните слави секогаш се малите колачи. Гостите ги обожаваат, но домаќинките имаат проблем додека да ги осмислат, бидејќи на располагање имаат многу малку продукти и рецепти.

За среќа, последниве години креативните домаќинки и домаќини смислија бројни рецепти со кои го олеснија правењето на посни колачи, но сепак останува проблемот, како да се одберат најдобрите. Еве го нашиот предлог за 10 видови ситни посни колачи:




РОЛАТ СО КОКОС. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г посен маргарин; 200 г шеќер; 50 г посно чоколадо; 350 г мелени посни бисквити; 1 кесичка инстант кафе измешано со 15 лажици топла вода; 100 г шеќер во прав; 1 кесичка ванилин шеќер; 150 г кокосово брашно.

ПОСТАПКА: За потемниот дел изматете 50 г маргарин со шеќер и рендано чоколадо. Додајте мелени бисквити прелиени со кафе. Од изедначената смеса, на целофан распоредете ја смесата во долгнавест правоаголник.

За светлиот дел изматете го преостанатиот маргарин со шеќерот во прав, ванилиниот шеќер и кокосовото брашно, измесете ја смесата со рака, па распоредете ја врз потемната правоаголна кора. Внимателно свиткајте го ролатот со помош на целофанот. Оставете во фрижидер на неколку часа да се стегне пред да го сечете..




РАФАЕЛО БОМБИЦИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 рафаело обланда (специјални обланди топчиња), 250 г шеќер, 150 мл млеко од соја, 200 гр кокосово брашно, 125 гр маргарин, 2 ванилин шеќер, 45 цели излупени печени лешници.

Подготовка: Се ставаат млекото од соја, ванилиниот шеќер и шеќерот да се варат, додека тој да се растопи. Се трга од оган, па се додава маргаринот исечкан на ленти и се меша додека и тој да се растопи, па се додаваат 100 г кокосово брашно и се меша, па смесата се остава да се олади.

Полутопчињата обланда се полнат со филот, во половината се става лешник и се соединуваат по два. Формираното топче лесно се натопува во сварената смеса, па во преостанатиот кокос и се редат во хартиени корпички. Оставете да се исушат.




КОЛУМБО. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г шеќер; 150 г маргарин; 5 лажици какао; 200 г мелени бисквити; 300 г кокосово брашно.

ПОСТАПКА: Во садот за готвење ставете 150 мл вода вода и шеќер. Додајте маргарин и какао. Кога маргаринот и шеќерот ќе се растопат на тивок оган, тргнете го садот од шпорет, па додајте 200 г кокосово брашно и мелените бисквити.

Промешајте за да се соедини смесата. Кога ќе се олади, распоредете ја смесата врз проѕирна фолија во кора со дебелина од околу 1 см и со калап вадете ги формите, па наредете го на плех обложен со хартија за печење да се стегне. Наросете ги обилно со преостанатиот кокос.




ЧОКО РОЗЕН ТРИАГОЛНИЦИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Половина пакување розен кори (се набавуваат од супермаркети); 200 г шеќер; 125 г маргарин; 2 лажици какао; 100 г мелени бисквити + 30 г за наросување; 100 г чоколадо.

ПОСТАПКА: Шеќерот се полева со 100 мл вода и се вари додека да се растопи и да се добие сируп, па се трга од шпорет и се додава исечкан маргарин со постојано мешање додека тој да се растопи. Потоа додајте какао, 50 г чоколадо и мелените бисквити и убаво измешајте.

Розен корите пресечете ги на половина по ширина (од остатокот на корите пригответе друг колач или истиот во двојна мера), а потоа филувајте ги корите со топлиот фил. Со фил премачкајте ја и горната кора, па одозгора прелијте со 50 г растопено чоколадо и наросете мелени бисквити. Оставете да се стегне и излади, па сечете ги на триаголници, баклави, штангли (или по ваша желба).




ФЕРЕРО БОМБИЦИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г наполитанки од лешник; 300 г крупно сечкани печени лешници; 200 г маргарин; 200 г чоколадо. За прелив: 200 г чоколадо.

ПОСТАПКА: Издробете ги наполитанките и додајте ги лешниците. Маргаринот изматете го со растопената чоколада и додајте ја смесата од лешник и наполитанки. Сè убаво соединете и направете топчиња. Ставете ги во фрижидер два часа да се стегнат.

За прелив растопете ја чоколадата со маргарин и мед, со лажица потопете ги во чоколадото и наредете ги во хартиени корпи во кои сте посипале малку сечкани лешници, а потоа наросете уште малку лешник и одозгора. Оставете го чоколадото да се стегне, па наредете ги во кафеави корпички (по желба).




КАРАМЕЛ КОЦКИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: половина пакување готови розен кори; 125 г маргарин; 200 г шеќер; 1 пудинг од карамела; 400 мл млеко од соја (или друго растително млеко); 150 г мелени печени лешници + 50 г за наросување одозгора.

ПОСТАПКА: Шеќерот се карамелизира на тивок оган, па се прелива со 300 мл млеко од соја и се меша додека да зоврие и да се растопи карамелата. Во преостанатото млеко изматете го пудингот од карамела, па додајте го во зовриеното млеко и мешајте додека да се свари и згусне.

Потоа додајте маргарин исечкан на листови и мелените печени лешници, мешајте додека смесата да се изедначи, а потоа филувајте ги корите со топлиот фил. Премачкјате ја и горната кора со преостанатиот фил, па наросете мелени печени лешници и оставете да се излади и стегне. Се сече на коцки.




СУСАМ ТОПЧИЊА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 125 г маргарин, 4 лажици мед, 4 лажици шеќер, 100 г чоколадо, 100 г мелени бисквити; 100 г мелени ореви; 200 г сусам.

ПОСТАПКА: На сува тава кратко пропржете го сусамот со постојано мешање додека да замириса. На страна, во друг сад измешајте мед, маргарин, чоколадо искршено на коцки и шеќер, па загрејте ги на умерена температура додека да се добие еднолична смеса.

Потоа тргнете од оган, додајте го печениот сусам, мелените бисквити и оревите и убаво измешајте. Од подготвената смеса направете топчиња (или обликувајте во вид на салама и оставете ја во фрижидер да се стегне, а потоа исечете ја на парчиња).




ЧОКОЛАДНИ СРЦА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г суво грозје; 100 г смокви; 100 г ореви; 150 г шеќер; 50 г чоколадо; малку рендано морско оревче; малку цимет; 150 г топено чоколадо за прелив.

ПОСТАПКА: Смоквите, сувото грозје и оревите сомелете ги, па додајте малку рендано морско оревче (не мора) и цимет и на крај густ сируп сварен од шеќер со малку вода и 50 г стопено чоколадо.

Масата добро промешајте ја со лажица или шпатула, а потоа и со рака, па распоредете ја врз проѕирна-стреч фолија во кора со дебелина од 0,8 мм, па со модла во форма на срце вадете ги колачињата и наредете ги на плех или рамна површина обложена со хартија за печење. Оставете да се потсушат, па прелијте ги со чоколадна глазура и декорирајте по желба.




ФИГАРО ОБЛАНДИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г суви сливи, 100 г суви смокви, 100 г урми, 100 г суво грозје, 100 г ореви, 100 г печени лешници, 1 лажица шеќер во прав, 2 лажици мед, сок од 1 лимон, 2 мали кори-обланди, 100 г чоколадо, 30 г мелени печени лешници за наросување.

ПОСТАПКА: Урмите, смоквите и сливите исечкајте ги на тенки парченца, измешајте ги со крупно сечканите ореви и иситнетите печени лешници, сувото грозје и сокот од лимон.

Додајте шеќер во прав и мед, па добро измешајте. распоредете ја смесата помеѓу обландите и притиснете со потежок предмет. Следниот ден прелијте го чоколадото и посипете со мелени печени лешници и кога ќе се стегне исечете ги на коцки.




КОШНИЧКИ СО БРУСНИЦА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г чоколадо, 150 г маргарин, 100 г сува брусница, 1 екстракт од рум по желба, 1 лажица мед.

ПОСТАПКА: Во чаша или длабока чинија ставете ја брусницата и прелијте ја со рум (или сок од портокал), оставете да отстои 2 часа. Растопете ги чоколадото, медот и маргаринот, додајте една лажица рум, па наполнете ги хартиените кошнички до половина. Потоа додајте неколку брусници, и продолжете со полнење на корпите со чоколадо. На крај декорирајте по желба.