Лекарите напоменуваат: Ракот на дојка е излечлив доколку се дијагностицира навреме!
Ракот на дојка е втор најчесто дијагностициран рак кај жената, после ракот на кожа, а е втор по причина за смрт од рак, после ракот на бели дробови.
Статистиките покажуваат дека честотата на болеста во последните 30 години расте на глобално ниво, и тој пораст изнесува 3,1% годишно, а морталитетот варира.
Истражувањата покажуваат дека во просек 1 од 8 жени во својот живот ќе развијат рак на дојка. Околу две третини од жените се над 55 години, а останатите се меѓу 35 и 54 години.
Жените во постменопауза се во двојно поголем ризик од заболување од рак, доколку имаат проблеми со дебелина.
ШТО Е РАК НА ДОЈКА?
Директната причина која доведува до промена на нормалната клетка во малигна сеуште не е потполно разјаснета, но гените вклучени во клеточниот развој, раст и смрт се одговорни за тој процес на промена. Во клетката постои рамнотежа помеѓу нејзиниот раст и смрт.
Со губењето на контролата на оваа рамнотежа, настанува неконтролирано размножување на биолошки променетите клетки. Доколку овие клетки отпатуваат до места каде обично не се наоѓаат, велиме дека тој рак е матастатски.
Ракот на дојка најчесто почнува во ограничено подрачје во жлездите кои произведуваат млеко (лобуларен калрцином) или во каналчињата(дуктален карцином) кои носат млеко до брадавицата. Може да расте во дојките и да се прошири во блиските лимфни јазли или низ крвоток до други органи.
Мажите може да добијат рак на дојка, но се 1% од сите случаи од овој вид на рак.
Симптоми: Кои се раните симптоми на рак на дојка?
-Промени во формата на брадавицата
-Болка во градите, посебно по менструација
-Грутка која не исчезнува по циклусот
-Секрет од брадавицата со црвена или кафеава боја
-Необјасниво црвенило, оток, воспаление на кожата, чешање или осип на кожата на дојката
-Оток или грутка околу пазувите или на крајот на дојката.
Ризик фактори: Постојат повеќе фактори кои го зголемуваат ризикот од ова заболување. За жал на најважните и не можеме да влијаеме
-Возрасна група – колку е жената постара , толку е ризикот поголем
-Фамилијарна анамнеза -жени кај кои сестра , мајка или ќерка се веќе заболени од оваа болест
-Наследен фактор – околу 5 до 10% од сите заболувања на дојка се предизвикани од фактор наследување
-Прва менструација пред 12 години, а последна после 55 години
-Жени кои не раѓале, или покасно родиле после 30 –та година
-Хормонска терапија
-Прекумерно консумирање алкохол
-Преголема телесна тежина.
Превенција
-Да се посвети повеќе внимание на здрава и разноврска исхрана
-Почесто движење
-Избегнување хормонски препарати.
Рано откривање на заболувањето
-Самопреглед
-Мамографија на пациентки над 40 години или порано-по одлука на специјалист радиолог
-Ехотомографија на дојки
-Магнетна резонанца на дојки.