На многу лесен и едноставен начин може да го приготвите највкусниот сос кој му прилега на секое јадење. Во рецептот подолу ќе го зачиниме со малку лук, млад кромид и магдонос, но откако ќе дознаете како се приготвува основата, ќе можете да го прилагодувате со зачински билки по ваш вкус.
Она што е потребно за да го приготвите овој вкусен, кремаст сос е кујнски рачен блендер кој најчесто се користи за приготвување на крем супи, сосови и мајонези. Со негова помош целата постапка на матење се забрзува и сосот е готов за минутка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 50 мл млеко, 100 мл маслиново или обично масло за готвење, 3 супени лажици лимонов сок, 1/2 лажичка сол, мелен црн пипер по вкус, 1 чешне лук (може и повеќе), 1-2 стебленца млад зелен кромид, 1 супена лажица ситно сечкан свеж магдонос (може и смрзнат)
ПОСТАПКА: Во еден тесен подлабок сад или тегла ставете го млекото (50 мл), па додајте го маслото (100 мл). Може да користите ладно цедено маслиново девствено масло кое е најздраво за јадење кое има силен и карактеристичен мирис и вкус. Доколку сакате понеутрален сос, тогаш користете обично масло за готвење.
Блендерчето од рачниот миксер пикнете го во садот сè до дното, па започнете со миксање во времетраење од една минута без да го придвижите миксерот. Кога ќе забележите дека на дното започната да се формира густа емулзија, тогаш започнете постепено да го придвижувате миксерот.
Движете го со бавни движења горе-долу, а секојпат подигнувајте го малку повисоко, сè додека целата мешавина да се изедначи и да добиете убава кремаста содржина која потсетува на мајонез.
Потоа исцедете со од половина или цел лимон, па додајте три полни супени лажици во „мајонезот“. Потоа посолете по вкус (околу половина лажичка) и зачинете со малку свежо мелен црн пипер.
Истиснете низ преса едно чешне лук (или ситно исечкајте го), а потоа додајте и ситно сечкан млад кромид. Од зачински билки може да додавате копар, магдонос, власец и сл. Ние додадовме една супена лажица ситно сечкан магдонос.
Повторно сето убаво изблендирајте го со рачниот миксер, сè додека состојките да се изедначат и да добиете мазна кремаста смеса. Вашиот сос е готов и можете да го послужите со зеленчук или со главното јадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.