Акутен мозочен удар, кај народот познат како шлог, почесто се случува напролет отколку во било кое друго годишно време, тврдат јапонските научници.
До овој заклучок дошле после обемно истражување, а резултатите биле објавени во американското медицинско списание “Strouk”.
Во истражувањето кое траело 12 години и во кое биле опфатени пациенти со прележан мозочен удар, се открило дека и кај жените и кај мажите, независно од возраста, ударот за 25% бил почест во март, април и мај, отколку во другите месеци.
Научниците не успеале да пронајдат објаснување за оваа појава, но наведуваат дека причината најверојатно лежи во осцилациите на крвниот притисок кој зависи од годишното време.
Познато е, имено, дека нелекуваниот висок притисок, покрај дијабеесот, дебелината и пушењето, е еден од водечките ризици за појава на мозочен удар.
Нема предупредувачка болка!
Лекарите напоменуваат дека од клучна важност е факторите на ризик за мозочен удар да се препознаат навреме.
Само на тој начин може да се одбегнат сериозни компликации.
Мозочен удар е невролошка болест која е предизвикана од пореметување на циркулацијата во мозокот, што доведува до недоволна снабденост во одредени делови од мозокот со кислород и хранливи материи.
Проблемите се јавуваат поради затнати крвни садови од тромб, крвно згрутчување или нивно прскање и излив на крвта во мозочното ткиво или мозочната обвивка.
Болеста настапува нагло или постепено, во рок од неколку часови или денови, без појава на болка која е карактеристична за срцевиот напад.
Секоја минута е драгоцена!
Мозочниот удар бара итна лекарска интервенција за да се сочуваат мозочните функции и превенира инвалидитет.
Кога ќе дојде до оштетување на мозочната функција, лекувањето се заснова на рехабилитација и обид да се спречи следниот удар. За жал, поради доцното јавување на лекар, речиси кај 33% од случаите завршуваат со смрт.
Оваа болест најчесто ги погодува лицата постари од 40 години, а зачестеноста е двојно поголема после 60. Неадекватно лекуван висок крвен притисок за четири пати го зголемува ризикот од мозочен удар.
Во голем ризик се лицата со развиена атеросклероза и со висок шеќер во крвта, кои не ја контролираат болеста и ја игнорираат препорачаната диета.
Со откривање и санирање на овие болести навремено, се намалува веројатноста од појава на мозочен удар.
-Замолете го човекот да се насмее!
Лицата кои претрпеле мозочен удар често мислат дека станува збор за минлива состојба и одбиваат да се јават на лекар. Затоа, кога кај некого ќе препознаете симптоми на мозочен удар, проверете дали може да се насмее и повикајте итна помош. Ако дошло до удар, лицето нема да може да се насмее.
-Побарајте да повтори едноставна реченица!
Доколку не е во состојба тоа да го направи, постои проблем во функционирањето на мозокот.
-Замолете го лицето да ги подигне рацете над глава. Ако не постои удар, ќе ги подигне без проблем.
-Побарајте да гоиспружи јазикот!
Знак за мозочен удар е доколку јазикот виси или стои накриво.