Кошмарните соништа воопшто не се забавни. Застрашувачки се, нè будат, а според најновото истражување објавено во стручното списание Sleep Medicine, ноќните кошмари стануваат сè почести како минуваат годините, а ние старееме.
Луѓето поминуваат една третина од својот живот во спиење и сонување, што е огромен дел, зар не? И иако соништата и нивните толкувања отсекогаш привлекувале огромно внимание, науката која се занимава со оваа област, за жал нема премногу напреднато, така што нема многу податоци кои би дале конкретни одговори.
Но, благодарение на развојот на технологијата, стана можно да се проучува мозочната активност за време на спиењето, а научниците и психолозите ширум светот продолжуваат да ги споделуваат своите резултати, со што полека ги отвораат завесите на непозната и сè поинтересна тема.
Ние, а можеби и вие, сте сониле барем еден сон кој останувал запамтен во вашиот ум долго време, а притоа не можете да го разберете неговото значење. Денес ќе ви откриеме што научивме за кошмарите и чудните соништа кои ги сонуваме.
Можеби секој од нас има приказна од некој доживеан сон во која се случуваат чудни работи, а кои ни изгледаат како целосна глупост кога ќе се разбудиме. Ако сте љубопитни и ве интерсира зошто се случува ова, постојат неколку објаснувања.
Секој има свои уникатни соништа затоа што луѓето секојдневно доживуваат различни емоции и настани. Кога ќе заспиете, вашиот мозок продолжува да работи напорно, издвојувајќи моменти во краткорочна и долгорочна меморија. Тој ги споредува неодамнешните настани со оние што се случиле одамна.
Затоа можете да видите работи од вашето детство, како што се играње со вашето старо милениче на некое ново место, како што е местото каде што живеете сега. Сето тоа се случува за време на фазата кога се случува „брзо движење на очите“, а која трае 10-20 минути и се повторува неколку пати во текот на ноќта.
Оваа фаза е позната и како „парадоксален сон“, кој го добил своето име поради физиолошките сличности со будната состојба на човекот. Во оваа фаза, сите делови на мозокот стануваат активни, освен оној кој е одговорен за логиката.
Покрај тоа, концентрацијата на серотонин и норадреналин, кои се невротрансмитери одговорни за логиката и вниманието, се намалува за време на спиењето. Затоа не е изненадувачки што нашите соништа губат чувство за нормалноста. Кога ќе се разбудиме сфаќаме дека сè она што штотуку го видовме се случило во нашите соништа и нема врска со реалноста.
Зошто имаме кошмари?
Што е со кошмарите? Зошто во соништата гледаме апокалипси и зомбиња, нè бркаат други не многу пријатни сценарија? Швајцарски и американски научници спроведоа експеримент со цел да дојдат до одговори на овие прашања.
Според нив, ова е еден вид обука на нервниот систем што му помага на човекот да се справи со негативните емоции во реалниот живот. Научниците веруваат дека емоциите што ги доживуваме во соништата ни помагаат да го решиме емоционалниот притисок и да се подготвиме за иден можен стрес.
Истражувачите проучувале активност на различни делови на мозокот за време на спиењето користејќи електроенцефалограм. 18 доброволци биле будени неколку пати во текот на ноќта и прашувани за тоа какви соништа имале и дали биле кошмари.
Благодарение на нивните одговори и анализата на мозочната активност, истражувачите идентификувале две области на мозокот кои се одговорни за кошмарите. Тоа се инсулата и средниот мозок.
Колку и да звучи интересно, овие 2 делови од мозокот се активираат во исти ситуации кога некое лице се чувствува загрижено или исплашено во реалниот живот. Инсулата е одговорна за проценка на емоциите и почнува да дејствува автоматски штом некое лице се чувствува вознемирено.
Средниот мозочен кортекс ја подготвува личноста за адекватен одговор при закана и го контролира начинот на однесување кога сме во опасност. Во понатамошното истражување, истражувачите откриле дека оние кои имаат кошмари подолго и почесто реагираат помалку остро на негативните работи во реалниот живот.
Досега стана јасно дека начинот на кој нашата потсвест комуницира со нас и ни помага да ги решиме проблемите, е она што нè прави да се чувствуваме вознемирени. На пример, сонувањето за прогон во соништата честопати се поврзува со нерешени проблеми во реалниот живот, според научниците. Но, како што споменавме погоре, соништата биле изучувани исклучително слабо и многу интересни согледувања сè уште чекаат да бидат откриени.
Еве уште неколку интересни факти за соништата за кои веројатно не сте знаеле
Новите вештини и знаења, како што е учењето како да свири на пијано, се ставаат на потребните „полици“ во вашиот мозок додека спиете. Ова ги прави полесни за паметење. Без разлика дали се подготвувате за испит или само сакате да го запомните списокот со обврски за утре, добриот сон многу ќе ви помогне.
Едно лице ќе живее помалку без сон, дури доста помалку отколку без храна. Рекордниот број на денови кои човекот ги поминал без сон е 11. Не препорачуваме да се повтори овој експеримент, бидејќи покрај сериозни ментални проблеми, може да доведе и до см-р-тоносен исход.
До 15% од луѓето на планетата се месечари. Тие не само што можат да седат на креветот или да талкаат низ собите, туку можат да ја напуштат куќата и да патуваат на долги растојанија додека спијат. Верувањето дека не треба да се будат е мит. Во многу случаи, ова е всушност потребно.
Луѓето кои не спијат доволно имаат зголемен апетит затоа што им се намалува лептинот (хормонот кој го регулира апетитот).
Во првите 5 минути по будењето, забораваме на 50% од соништата. После уште 5 минути забораваме на речиси сè што сме виделе во нив. Сигмунд Фројд верувал дека тоа намерно го прави нашиот мозок, кој се обидува да отстрани сè од меморијата, бидејќи нашите соништа се нашите скриени мисли.
Сепак, денес постои поинаква теорија која вели дека ние го менуваме статусот на мозокот откако ќе се разбудиме и заборавиме на нашите соништа како резултат на неговата активна работа.
Дали некогаш сте имале некој чуден сон што не можете да го „извадите од памет“ и не можете да го заборавите?
ПОСЛЕДИЦИ ОД НОЌНИТЕ КОШМАРИ: Оваа студија имала за цел засебно посматрање на ноќните кошмари кај постарата популација.
Биле испитани 2.940 учесници, на просечна возраст од 63 години, кои пополниле прашалници за кошмарните соништа, квалитетот на сонот, стресот и депресијата. Во групата составена од лица на возраст постари од 50 години, 2,7% пријавиле дека имаат ноќни кошмари.
Во групата постари од 70 години тој процент скокнал на 6,3%, што авторите на студијата го нарекуваат за “значително поголем процент”. Покрај тоа, оние кои искусиле ноќни кошмари имале и “значително поголем проблем со спиењето, поголеми само-уб-иствени идеи, биле подепресивни и под поголем стрес, споредбено со групата која немала ноќни кошмари, се вели во истражувањето.
Дополнителните истражувања исто така, укажуваат на тоа дека несоницата е сè поприсутна со годините, истакнувајќи го значењето од хигиената на спиењето, особено за постарата популација.
3 СОВЕТИ ЗА ПОДОБРО СПИЕЊЕ И ПРОТИВ НОЌНИ КОШМАРИ: Да ги контролираме соништата не можеме, ниту да одбереме она што ќе го сонуваме додека спиеме, но, научниците велат дека постојат превентивни мерки кои можете да ги преземете за да спиете помирно и да ги одбегнете ноќните кошмари.
МАГНЕЗИУМ ПРЕД СПИЕЊЕ – За да си помогнете себеси и полесно да потонете во длабок сон, пробајте навечер да додадете магнезиум како таблета или како прав.
Во едно испитување се покажало дека магнезиумот им помогнал на пациентите полесно да се изборат со симптомите на несоница, побрзо да заспијат и подолго да спијат.
Дополнителни истражувања исто така, покажале дека овој минерал може да помогне и кај ублажување на стресот. Лекарите велат дека дури и лицата кои лесно заспиваат, но потоа се будат среде ноќ, треба да земат магнезиум непосредно пред спиењето за да поддржи стабилен сон.
ПРОВЕРЕТЕ ГО ТЕРМОСТАТОТ: истражувањата покажуваат дека премногу топлата просторија за спиење може да доведе до силен и кошмарен сон. Експертите велат дека оптимална температура за спиење е 18,5 степени Ц. Тоа значи дека спалната соба пред да заминете на спиење, треба добро да се проветри за да влезе свеж воздух, да не се загрева премногу доколку е сепак многу студено.
НЕ ЈАДЕТЕ ПРЕД СПИЕЊЕ – И на крај, доколку сакате нешто да изедете пред спиење, а потоа откриете дека имате ноќни кошмари, тогаш можеби е време да се откажете од таа навика. Истражувањата покажуваат дека храната која ја јдеме, особено пред спиење, може да влијае врз квалитетот на нашето спиење. Покрај кошмарните соништа, не заборавајте дека јадењето пред спиење може да ве здебели, да ви предизвика дигестивни пречки во текот на спиењето и низа други здравствени проблеми.
ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА КВАЛИТЕТЕН СОН – Микој не сака среде ноќ да биде разбуден од некој грд сон. А ваквите соништа го реметат квалитетот на спиењето кое е пресудно за општо здравје на човекот.
Со оглед на тоа што сега знаеме дека со текот на годините, би можело да дојде до влошување на квалитетот на спиењето, важно е да преземеме чекори, односно да се приготвиме за добар сон за да му овозможиме на телото длабок одмор кој многу му е потребен.