Ако ви се најават гости кои брзо ќе пристигнат, а немате со што да ги послужите, сетете се на овој вкусен колач и кралски засладете се. Мандарините се многу вкусно цитрусно овошје и потсетуваат на зима, па совршено се комбинираат со нежниот жолт крем и натопените пишкоти.
Во овој рецепт се користат кандирани мандарини, но може да користите и свежи, исечени на помали парчиња. Некогаш го приготвувам со банани, смрзнато бобесто овошје или свежо, во зависност од сезоната, а поголемите плодови ги сечкам на помали коцки за да може ролатот полесно да се сече. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г пишкоти, 200 мл млеко за натопување. За фил: 2 јајца, 100 г шеќер, 500 мл млеко, 60 г скроб/нишесте/густин, 200 г несолен путер или маргарин, 300 г кандирани мандарини, 200 мл слатка павлака, 50 г чоколадо, малку свежо нане за декорација
ПОСТАПКА: Врз работната површина отворете големо парче кујнска-стреч фолија кое најдобро би било да е во два слоја, за да не ви се скине при виткањето на ролатот. Потоа пишкотите кратко натопувајте ги во млекото и редете ги врз фолијата, едно до друго.
Во моето пакување имав 40 пишкоти, па ги наредив во три реда по тринаесет (39). Вака поставената подлога оставете ја настрана додека го приготвувате филот. Во длабок сад скршете 2 јајца и додајте го шеќерот. Настрана исечете го путерот на помали коцки и оставете го да омекне на собна температура.
Пенасто изматете ги јајцата додека шеќерот да започне да се растопува (можете да употребите кујнска маталка или миксер), па додајте го скробот (60 г) и повторно изматете додека тој да се раствори и соедини, брз грутчиња.
Млекото можете посебно да го загревате и кремот да го сварите како пудинг, но полсесно е доколку веднаш го додадете во мешавината од јајца и скроб. Убаво промешајте за да се разреди, па тенџерето ставете го на рингла и загревајте на умерена температура.
Варете со непрекинато мешање додека да ја постигне посакуваната температура. Оставете да се олади до собна температура, па потоа додајте го омекнатиот путер (на два-три наврати) и пенасто изматете со миксер додека да добиете фина, мазна кремаста структура.
Кремот премачкајте го преку пишкотите и наредете ги мандарините (или овошјето по ваш избор), па потоа внимателно свиткајте го ролатото со помош на фолијата. Оставете го колачот еден час во фрижидер или половина час во замрзнувач пред послужување.
Потоа премачкјате го со изматена слатка павлака во шлаг (или две кесички шлаг пена изматени според упатството на кесичката) и декорирајте со растопено чоколадо, неколку мандарини и листови од нане. Деталите погледнете ги ОВДЕ.