Овие печива се меки како памук, тестото излегува меуресто и воопшто не е жилаво. Секој може да ги направи, а тајната е во тоа што во тестото се додава 1 лажица оцет. Овој „трик“ може да го користите за секаков вид на печива, од пици, до кифли. Пробајте го рецептот на Сања од каналот „Кујната на Аурора“ за овие прекрасни печива, какви што нема во ниедна пекарница.
„Неодамна го пронајдов рецептот на Сања, многу ми се допадна. Долги години со сопругот и децата живееме во странство, но нашите домашни јадења ми се највкусни. Многу често месам разни пити, а овој рецепт ми е еден од омилените,“ вели една читателка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 250 мл млако млеко (1 чаша), 250 мл млака вода (1 чаша), 1 лажица сув квасец или 15-20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 1 лажица оцет (било каков оцет), 1 лажичка сол, 650-700 г брашно. ЗА ФИЛОТ: 400 г спанаќ, 300 г сирење. За премачкување ќе ви треба 150 г путер и 50 мл масло.
ПОСТАПКА: Загрејте го млекото да биде млако, па сипете го во подлабок сад во кој ќе можете да го замесите тестото. Додајте иста количина од една чаша млака вода, шеќер и квасец, па промешајте додека да се растворат во течностите. Додајте половина чаша брашно, 1 лажица оцет и повторно измешајте.
Кога квасецот малку ќе набубри и ќе се активира, постепено започнете со додавање на преостанатото брашно, помешано со солта. Прво, соединувајте ја смесата со кујнска, дрвена лажица, па кога ќе се соедини тестото, замесете го на рака. Тестото не бара долго месење, за кратко се соединува.
Брашното додавајте го постепено, додека да добиете убаво и мазно тесто кое нема да се лепи под прстите. Откога ќе го соедините, пренесете го на набрашнета површина за послободно да го замесите. Вака подготвеното тесто вратете го во садот, малку намастете го со масло и покријте со стреч фолија, па со крпа. Оставете го да стасува на топло место, додека да ја удвои својата количина.
Потоа, пренесете го на набрашнета површина, домесете го уште малку и поделете го на 8 еднакви дела. Секој дел обликувајте го во топче и складирајте ги сите топчиња настрана под крпа, за да не се сушат. Топчињата се оставаат само 5 минути за малку да одморат. По изминатото време, развлечете едно по едно од тестата со оклагија, колку што потенко можете.
Развлеченото тесто премачкајте го со мешавина од масло и растопен путер, па здиплете го како крпа, така што ќе добиете квадратна форма (како што е прикажано на втората слика). На истиот начин подгответе ги сите теста. Потоа, повторно развлечете во правоаголник, почнувајќи од првото замесено тесто.
На подолгата страна од правоаголникот филувајте со филот од сирење и спанаќ (и малку сол), но може да ставите и нешто друго. Завиткајте во ролат кој ќе го пренесете во поголема тепсија. На истиот начин филувајте и завиткајте ги и останатите теста. Потоа, со нож исечете помали парчиња на квадрати и оставете ги покриени под крпа, 15-20 минути.
Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. Печивата премачкајте ги со преостанатата мешавина од масло и путер и по желба наросете со сусам или некои други семки. Печете ги приближно 40-тина минути, додека да поруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.