Популарниот старински колач кој е познат под различни имиња како „Дамски каприц“ или „Женски карактер“, кај нас, во нашето семејство е познат како „Женски темперамент“ и омилен е веќе 2 века.

Има извонреден вкус, а неговата текстура нагло преминува од нежна и мека, во крцкава и свиленкаста, целиот колач е комплексен и слоевит, па можеби поради тоа го добил името, зашто асоцира на жените и нивниот темперамент.




Се сече на коцки и се послужува во бели порцелански чинии за да дојде до израз неговата раскош. Многу едноставно се приготвува и за него не ви се потребни многу пари, а вкусот е неверојатно неодолив.

Оваа вонвременска класика од колач е просто задолжителна на сите поголеми празници, особено за празникот на жените, но кај нас се приготвува речиси секој ден. Затоа, ако не сте го пробале, задолжително направете го. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 250 мл): 1 чаша млако млеко, 4 супени лажици шеќер, 10 г свеж квасец, 1 преполна голема лажица маст (може и 2), 4 жолчки, 2.5 чаши брашно, рендана кора од 1 лимон, џем од кајсии или малини, 4 белки, 1 супена лажица сок од лимон




ПОСТАПКА: Во млакото млеко изронете го квасецот, додајте две супени лажици шеќер и добро промешајте за да се раствори. Тргнете настрана додека да ја изматите маста со остатокот од шеќерот и жолчките. Во подлабок сад ставете една добро наполнета дрвена лажица маст на собна температура и шеќер.




За матење на маста со шеќерот може да користите миксер, но порано се матело со дрвена лажица. Добро изматете ги додека шеќерот започне малку да се растопува, па започнете да додавате една по една жолчка од 4 јајца додека непрекинато матите. Кога жолчката ќе се инкорпорира во маста, тогаш додајте ја следната и продолжете со мешањето/матењето.




Потоа, додајте ситно рендана кора од лимон, половина од млекото со растворениот квасец и половина од вкупното брашно. Млекото и брашното се додаваат малку по малку, наизменично, за полесно да се соединат во целата смеса. На крај треба да добиете полумасно, изедначено, мазно, хомогено и густо тесто кое се развлекува со лажицата.




Плех или калап со средна големина или помал (за поголема количина соодветно зголемете ги состојките) намастете го со маст на дното и ѕидовите, а потоа наросете малку брашно.

Истресете го тестото во плехот, распоредете го рамномерно и израмнете, покријте го со крпа и оставете го да ферментира еден час, а за тоа време малку ќе го зголеми волуменот. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170-180 степени, 25-тина минути.




Пред крај на печењето на бисквитното тесто, пенасто изматете ги белките кои претходно отстојале на собна температура. Потоа започнете постепено да го додавате шеќерот и матете неколку минути додека тој да се растопи, а белките да нараснат во цврст шам. Пред крај од матењето додајте го лимоновиот сок.




Печениот бисквит извадете го од рерна и додека е врел премачкајте го со убав слој од џем преку цела површина, а потоа рамномерно распоредете го снегот од белки (треба да е средно цврсто изматен, сјаен и да не паѓа од садот кога ќе се преврти).

По желба, на површината можете да направите бранови кои при печењето ќе излезат потемни, а колачот пошаренолик. Вратете го колачот да се допече уште 10-тина минути, на горна решетка колку да позлатат врвовите, малку да нараснат белките и да се потсуши пената.

Печениот колач оставете го малку да се олади, па отстранете го обрачот и сечете коцки. Деталите од презентацијата погледнете ги ОВДЕ. Еден друг рецепт за Дамски каприц можете да прочитате ОВДЕ.