Во Zan Mitrev Clinic денеска беше презентиран новитет кој е врвно достигнување во медицината, поточно во областа на дијагностиката а тоа е тродимензионален модел на орган, поточно во конкретниот случај, модел на срце на млад пациент кој побара помош од нашата клиника. Оваа нова технологија која сега, преку Zan Mitrev Clinic, веќе ја имаме и во државава, е достапна и за нашите граѓани.
Доктор Жан Митрев вели дека за него, но и за сите хирурзи, еден ваков модел на орган е од огромно значење бидејќи со него може да се направи комплетната анализа на состојбата и да се види објективно како тој орган изгледа реално а врз база на тоа да се постави и вистинската дијагноза.
Чест ми е да презентирам ново достигнување на медицината во областа на дијагностиката каде што се работи за 3 – де наод на еден пациент којшто требаше да биде опериран од вродена срцева маана. Пациентот е од странство и дојде кај нас за испитување. Ги направивме сите испитувања и требаше да добие операција на срце, меѓутоа некои од параметрите не беа јасни и имаше различни мислења, од нашиот тим и од странски консултанти.
Така да јас се одлучив да направиме, и тоа прв пат во Македонија, репродукција на компјутерскиот наод на тој млад човек којшто има вродена тешка срцева аномалија. Ова е резултатот којшто го добивме каде што се гледаат сите крвни садови и целото срце буквално во реална димензија. Овде се прави и еден отвор каде што се гледаат и сите отвори на срцето и сите крвни садови бидејќи овде тој млад човек има и аномално влевање каде што едниот крвен сад е двојно застапен и тој аномално се влева од другата страна што исто така е поретка аномалија. Меѓутоа суштинско прашање за овој пациент беше: Дали овој пациент е за операција или не е?
Бидејќи тој се водеше како Тетралогија на Фало, и така е воден цело време, а всушност се работеше за сосема друга аномалија каде што десната комора преку тој отвор што требаше да се затвори, всушност тука излегуваат две третини од аортата, и практично десната комора пумпа во двете страни и во аортата и во пулмоналната артерија. Таа состојба на ваков начин можеме идеално да го видиме отворот кој оди за пулмоналната артерија т.е. за циркулација во белите дробови и отворот кој оди во однос на пумпањето на крвта во целото тело – објасни д-р Жан Митрев покажувајќи го 3-де срцето.
Доктор Митрев потенцира дека вакви 3- де модели може да се прават и за други пациенти и за други органи а за што е потребна и врвна компјутерска томографија која ја поседува Zan Mitrev Clinic.
Со други зборови за мене како хирург е огромно достигнување каде што можам да ја направам комплетната анализа да се види објективно како тоа изгледа реално и на база на тоа да се постави и вистинската дијагноза. Во овој случај, за овој пациент после сите овие анализи и реалниот модел 3 – де на неговото срце, јасно ни стана дека овој пациент не е за операција и дека природата за него направила таква регулација да тој може да живее некои години со оваа аномалија и негово решение сепак е трансплантација на срце. Ова е она што сакам да го презентирам на јавноста и сето ова се случува во Македонија – потенцираше доктор Жан Митрев.
Вакви 3-де модели може да се прават и за други пациенти, и за други органи. За ова е потребна врвна компјутерска томографија која ја има во Zan Mitrev Clinic и е најмоќна во државава и пошироко. Изработката на овој модел чини околу 2000 евра, но во блиска иднина се очекува целата технологија да стане попристапна за сите. Сепак за некои пациенти, за некои болести, оваа метода на дијагностика е од непроценлива важност.
Во насока на достапност на целата метода до пациентите во иднина посакувано би било да се вклучи и Фондот за здравствено осигурување на Република Мекедонија со покривање на трошоците за изработка. Времето за изработка на еден ваков модел е околу еден месец. Меѓутоа оваа метода се практикува за хронични болести кои не бараат брзи интервенции и брзи одлуки. Важно е да се напомене дека сето ова оди преку меѓународна експертиза и во тоа се вклучени врвни хирурзи.