Излегувајќи во пресрет на сите оние пациенти, кај кои е неопходно изведување на кардиохируршка интервенција, а пред тоа, предоперативна коронарографија, едно потсетување, дека предоперативната коронарографија во Клиничка болница Жан Митрев и понатаму е бесплатна.
Истата се изведува неколку часови или денови пред планираниот оперативен зафат на срцето, и влегува во групата на предоперативните иследувања.
Што е коронарографија?
Коронарографијата е инвазивна дијагностичка процедура, која се изведува во сала за катетеризација и под рентген зраци и истата е сеуште златен стандард за одкривање на стеснувања на крвните садови на срцето, т.н коронарни артерии. Методата е релативно безболна, безбедна, се изведува на буден пациент, најчесто преку артерии на раката под локална анестезија.
Трае десеттина минути, со мал ризик (помал од 1 промил за голема компликација) и е неопходна за секој пациент кај кој се планира операција на срцето. Ангиографската хибридна сала на нашата клиника е опремена со современ Philips-ов ангиограф кој се одликува со добра резолуција, јасен приказ на артериите и ниска доза на зрачење.
Предоперативната коронарографија се изведува на сите пациенти кај кои е потребно да се изврши бај пас операција, операција на срцев залисток или операции на срцевите мани и проширувањата (аневризмите) на почетниот дел на аортата.
Во дијагностички цели кај пациент кој имал претходен срцев инфаркт и кај кој има повеќе запушувања кои не се решаваат со стент, коронарографија може да доведе до прецизна дијагноза и бај пас операција на срцето со што се завршува лекувањето на пациентот.
Врз основа на актуелниот договор со ФЗОМ секоја коронарографија која претходи на операција на срцето во Клиничка болница Жан Митрев е бесплатна, и се завршува во рок од неколку дена, после претходниот преглед од нашите кардиолози и лабораториските иследувања.
И покрај секојдневните потешкотии со кои се соочуваат нашите пациенти во пандемијата со COVID 19, благодарејќи на брзите тестови, протоколи за работа во епидемиски услови, заштитните фактори и опрема, Клиничка болница Жан Митрев постои безбеден систем за работа, и ризиците од интрахоспиталните инфекции се сведени на минимум.
Затоа, процедурите се изведуваат континуирано, без застој со посебни протоколи, а се со цел, да се продолжи со лекувањето на кардиоваскуларните заболувања, без одолговлекување, бидејќи за жал, тие се сеуште на прво место според бројот на починати пациенти, насекаде.
Животот мора да продолжи, и пациентот мора да го најде својот пат и решение.
Д-р Иван Милев Спец. по педијатрија – Супспец. по кардиологија