Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни рецепти. Колачот навистина е едноставен, лесен и брз, а што е најважно, многу е вкусен, се топи во уста. За да го подготвите овој колач ќе ви бидат потребни само 5 состојки. Потребни состојки:
4 јаболка, 400 г бисквити (Petit Beure), 500 мл вода, 5 супени лажици шеќер, 500 мл млеко, 2 пудинзи со вкус на ванила (80 г) и цимет за наросување одозгора (по вкус). Постапка: Најпрво јаболката измијте ги со ладна вода, а потоа излупете ги.
Исчистете ги од семките и исечете ги на крупни коцки. Прелијте ги со половина литар вода, додадете 5 супени лажици шеќер и ставете ги на оган. Откако ќе зовријат, варете ги на умерена температура 10 минути. Додека се варат јаболката, на страна измешајте две кесички пудинг од ванила со половина литар млеко.
Добро промешајте да нема грутчиња. Кога јаболката ќе се сварат и омекнат, изблендирајте ги со рачен миксер. На крај треба да добиете течна кашеста маса. Во врелата смеса постепено додадете го разматениот пудинг со постојано мешање со маталка.
Варете го кремот додека да згусне, а потоа тргнете го од рингла и оставете го врз решетка. Не чекајте да се олади, туку веднаш додека е топол кремот во него додадете 400 г искршени бисквити. Кексите кршете ги крупно со рака. Промешајте за рамномерно да се натопат бисквитите во кремот.
Вака добиената смеса излејте ја во калап/плег обложен со проѕирна фолија и димензии од 15х20 см (или приближно). Смесата распоредете ја рамномерно и израмнете. Оставете го колачот да се лади во студена просторија за да се стегне.
Доколку немате ладна просторија, најпрво оставете го да се олади на собна температура, а потоа оставете го во фрижидер уште неколку часа додека убаво да се стегне. По изминатиот период колачот превртете го врз чинија за сервирање и отстранете ја фолијата. Одозгора наросете цимет во прав. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Ако ве интересира, во продолжение прочитајте го и следниот рецепт на Сара од Мои Домашни Рецепти – Крем десерт во чаша, брзо и вкусно. Потребни состојки: 100 г мелени бисквити, 50 г путер, 500 мл млеко, 38 г пудинг од ванила, 4 супени лажици шеќер, 500 мл свежо исцеден сок од портокал, 250 г маскарпоне или крем сирење, 2 супени лажици нишесте (густин), 4 супени лажици шеќер и јафа бисквити.
Постапка: Во 100 г мелени бисквити додадете 50 г растопен и изладен путер и промешајте со лажица додека да се соединат и да се добие конзистенција на влажен песок. Смесата еднакво распределете ја во 6 часи по 2-3 полни лажици. Убаво притиснете со некој тап предмет за да се израмни.
Во половина литар млеко ставете една кесичка пудинг од ванила, додадете 4 лажици шеќер и промешајте за да нема грутчиња. Пудингот ставете го на умерен оган и мешајте додека да згусне. Во топлиот пудинг ставете 250 г маскарпоне или некое друго неутрално крем сирење, па добро измешајте.
Добиениот крем рамномерно распоредете го во чашите (приближно по една кутлача за секоја чаша), а потоа израмнее. Во половина литар свежо исцеден сок од портокал ставете 4 супени лажици шеќер и две полни лажици густин (нишесте/скроб).
Промешајте и ставете на оган да се свари. Матете цело време додека да згусне, а потоа рамномерно распоредете во секоја од шестте чаши. Одозгора декорирајте со јафа бисквити (ресани). Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.