Во сезоната на кисели краставички, ви откриваме еден одличен рецепт за салата од зелка во тегли која секогаш е свежа и веднаш може да се послужи. Оваа салата има неколку начини на подготовка: без пастеризација и се чува во фрижидер до неколку седмици, со пастеризација – за цело зимо, и со ферментација од 3 дена, исто така за цело зимо.




Вие одлучете според кој начин ќе ја направите (а можете и сите три одеднаш, па на крај да споредите кој најмногу ви одговара). Оваа салата добро ќе ви дојде во студените зимски денови кога немаме многу голем извор на свежи витамини и минерали.




Покрај тоа, одлично одговара како прилог на некое јадење, како мезе со чаша ракија, но и како самостоен оброк, особено за вечера, доколку сакате да ги прочистите цревата. Сочно, крцкаво и полно со витамини. Првиот рецепт го содржи начинот на подготовка – без пастеризација.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 кг бела зелка, 1 кг кромид, 1 кг моркови, 1 кг пиперки, 300 г шеќер, 4 лажици крупна сол, 200 мл бел оцет 9%, 500 мл масло. ПОСТАПКА: Зелката ситно исечкајте ја или изрендајте ја на специјално ренде.




Морковите изрендајте ги на крупно ренде (со двојни запци кое создава долги лентички), или пак, ако повеќе сакате ситно исечкајте ги како за салата, но многу полесно и побрзо е на ренде. Додајте ги морковите во садот со зелката.




Кромидот исечкајте го на тенки полумесечинки, па и него додајте го во садот. Пиперките (претходно измиени и избришени) исечкајте ги на тенки ленти. Може да користите различни бои на пиперки за да ви биде салатата уште пошарена. Најважно е да се слатки и вкусни.




Откако целиот зеленчук ќе го иситните, додајте шеќер, сол, оцет и масло. Добро измешајте ја салатата. Затоа најдобро е да користите некој голем, длабок и широк сад, бидејќи излегува голема количина, а потребно е добро да се измеша.




Салатата складирајте ја во претходно стерилизирани тегли. Добро затворете со метални капаци кои претходно сте ги стерилизирале или пребришале со чист ал-кохол. Вака приготвената салата се чува во фрижидер до неколку седмици. Нема долг рок и затоа се чува во фрижидер.




Во оваа салата може да додадете и ситно сечкани кисели јаболчиња кои даваат неверојатен вкус и мирис. Истата оваа салата можете да ја пастеризирате околу половина час, во рерна или во тенџере во вода, а постапката можете да ја прочитате ОВДЕ. Целата постапка за подготвување на овој рецепт можете да го погледнете во видеото ОВДЕ. Следи најинтересниот начин – со ферментација:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2,5-3 кг зелка, 2-3 големи моркови, една рака ловорови листови, 1 лажичка црн пипер во зрно  (или повеќе кој сака). ЗА СОЛИЛО: 3 литри топла вода, 120 г нејодизирана крупна сол, 30 г шеќер.

ПОСТАПКА: Најпрво се приготвува солилото: во еден сад ставете 3 литри топла вода, додајте три лажици нејодизирана сол и 1 лажица шеќер. Промешајте добро да се растворат состојките и оставете на страна да се излади целоно.




Во меѓувреме изрендајте ја зелката и морковите, ловоровите листови искинете ги на половина, додајте малку црн пипер во зрно и убаво со раце измешајте ја салатата. Наполнете ги теглите, па прелијте ги со ладното солило до врв. Теглите затворете ги со газа и оставете приближно три дена за да ферментираат на собна температура.

Ако просторијата е потопла, зелката може да ферментира и за два дена, а ако е постудена, можеби ќе и бидат потребни четири дена. Како и да е, по завршетокот на ферментацијата, теглите затворете ги со капаци и чувајте ги на темно и ладно место заедно со другата зимница. Постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.