Пробајте го рецептот на Драгана за вкусен сок од кајсии и праски кој може да го чувате до 1 година. „Свежиот сок се разликува од пастеризираниот по тоа што се чува во добро исчистени тегли кои се вакумираат.
Нема потреба да додавате шеќер (доколку сакате да е киселкаст) и конзерванси“, вели Драгана.
Јас сокот го правев од кајсии и праски, ставив повеќе праски, но може и повеќе кајсии, како сакате. Ставив и сок од 2 лимони, бидејќи го сакаме киселиот вкус. Прочитајте го подетално рецептот подолу:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг овошје (праски и кајсии или нешто по ваш вкус), 2 лимони, 2 литри вода.
ПОСТАПКА: Сокот се подготвува многу едноставно. Најпрво, важно е да одберете здрави плодови кои немаат никакви оштетувања. Праските бирајте ги помеки, тие се поблаги и сокот излегува таман, нема потреба да се додава шеќер.
Праските и кајсиите добро се мијат под млаз вода. Јас ги тријам со прстите, нема потреба од четкичка бидејќи се доста меки. Праските ги лупам, па ја вадам семката на средина, а потоа истото го правам и со кајсиите.
Овошјето се става во едно поголемо тенџере, а потоа одозгора се прелива со 2 литри вода. Се става на рингла и се готви сосем малку, откога ќе зоврие водата се чека да омекне овошјето, а потоа се трга од рингла.
Додека овошјето се вари, пастеризирајте ги теглите каде што ќе го пакувате сокот. Тоа може да го направите во рерна, вклучете ја на 100 степени и пастеризирајте ги околу 35-40 минути, свртени со врвот надолу.
Или, стерилизирајте ги во машина за перење на садови, како ви е полесно, така. Кога овошјето ќе биде готово, изблендирајте го со рачен блендер или во обичен блендер да се направи сок без остатоци од овошјето.
Сокот се складира во чистите, изладени тегли и добро се затвора со капак.
Потребно е да се чува на ладно и темно место, а во првите 24 часа добро е теглите да лежат на капакот за да се вакумираат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.