Студирањето е еден од најстресните периоди. Токму поради тоа, токму овој период може да остави големи последици по здравјето.
Честопати се случува студентите да го заменат денот со ноќта, па нередовната и неправилната исхрана како и недостигот од физичка активност предизвикуваат дисбаланс во организмот. Затоа, навремено размислувајте за своето здравје, бидејќи превенцијата е најдобриот лек. Ако веќе не можете целосно да се придржувате на сите правила за здрав начин на живеење, посветете се барем на некој сегмент.
И верувајте, вашиот организам ќе ви биде благодарен. Во продолжение ви даваме идеи за евтини, брзи и здрави оброци.
ЗДРАВ ПОЈАДОК
Здравиот појадок е основа на здравјето! Најголем проблем кај студентите е нередовната и неправилна исхрана со често прескокнување на појадокот. Меѓутоа, експертите со право укажуваат на значењето на овој оброк. Појадокот треба да претставува извор на енергија за будење на организмот и основа за негово функционирање.
За да бидете добро сконцентрирани на вашиот мозок му е потребен добар сон и јаглени хидрати. А кога спиеме нашиот организам ги троши сите хранливи материи, па со самото тоа, со појадокот треба да се надокнадат нови резерви.
Затоа, направете си здрав појадок кој притоа не мора да биде скап. На пример, јајцата обилуваат со протеини кои поспоро се разложуваат во однос на јагленихидратите. Затоа, ако веднаш после појадокот одете на предавања, сварете си јајца за да издржите до ручек.
Доколку планирате да учите веднаш после будење, тогаш подгответе си оброк полн со здрави јаглени хидрати.
Направете комбинација од интегрални житарки со овошје и јогурт. Ваквиот појадок ќе ви обезбеди доволно енергија и истовремено доволно хранливи материи за добро функционирање на мозокот.
РУЧЕК
Студенскиот ручек би требало да биде „на лажица“. Меѓутоа, поради обврски на факултет студентите честопати го прескокнуваат и овој оброк или јадат нешто на брзина.
Доколку се грижите за она што го јадете, тогаш можете себеси да си дозволите барем неколку дена во седмицата да понесете нешто што претходно дома сте си го подготвиле.
На пример, наместо плескавици можете да си подготвите интегрални тортиљи со пилешко, малку сирење и некоја салата.
Потребно е да пропржите 100 грама исечкано месо и да направите или купите тортиља. Ваквиот ручек е готов за помалку од половина час, а доста е поздрав од обично печиво или брза храна.
Или, секогаш можете да направите евтин оброк-салата. За тоа ви се потребни интегрални тестенини кои ќе ги зготвите и ќе додадете зеленчук по избор. Идеално би било да искористите свеж зеленчук. Сите состојки соединете ги, додадете омилени зачини и малку маслиново масло.
ЛЕСНА ВЕЧЕРА
Како што веројатно знаете, нутриционистите препорачуват лесна вечера и тоа не во доцните часови.
Токму поради тоа не е препорачливо да учите доцна навечер, бидејќи сигурно ќе огладнете пред спиење. А доколку се прејадете пред спиење, вашиот организам нема да се одмори, па ќе се разбудете уморни и така ќе влезете во магепсан круг.
Затоа е најдобро сепак да си легнете на време.
Што се однесува на вечерата, одбегнувајте силна и масна храна. Најдобро би било да изедете некое интегрално печиво или уште подобро салата од свеж зеленчук.