Мандарината е кисело-сладок цитрус од Југоисточна Азија, кој се одгледува во нашите области од 19 век. И покрај ова, тешко е да се замисли есента и зимата без ова вкусно овошје кое е полно со витамин Ц.

Мандарината на многумина им е омилено овошје поради својот вкусен, сочен и сладок плод, а при нивното лесното лупење се ослободува прекрасен мирис кој ја освежува целата просторија, па така освен што се јадат сурови, од нив може да се подготвуваат разни колачи, но и природни лекови за настинки и грип.




Една мандарина со тежина од 110 грама содржи околу 32 милиграми витамин Ц што е речиси половина од дневната препорачана доза. Витаминот Ц игра важна улога во синтезата на колагенот и еластинот во нашето тело. Тоа се белковини кои ја создаваат нашата кожа, мускулите и останатото сврзно ткиво.




Познато е дека овој витамин важи и како силен антиоксидант кој штити од „напа-дите“ на разни болести. Мандарините се богати со витамин А и фолна киселина. Во плодот се присутни минералите: калиум, калциум, магнезиум, бакар и железо. Мандарините може да се употребат и за приготвување на разни торти и колачи.

Брза и едноставна торта од мандарини. Потребни состојки: 180 г шеќер, 3 јајца, 50 мл масло, 100 мл сок од мандарини, 1 кесичка прашок за пециво, ванилин екстракт, 14 мандарини. Постапка: Во длабок сад ставете го шеќерот и јајцата и добро измешајте. Потоа додајте го маслото и повторно промешајте.




Исцедете 100 мл сок од мандарини, додајте го прашокот за печиво и половина лажичка ванилин екстракт. Вака подготвената смеса додајте ја во претходната смеса со шеќерот, јајцата и маслото и добро соеденете ги сите состојки.




Во калап (со дијаметар 20 см) поставете хартија за печење низ целата површина и наросете со мала лажичка шеќер на сите страни од калапот. Потоа излупете ги мандарините и започнете да ги редите во калапот додека да го пополните цел.




Според дијаметарот на калапот од 20 см, ќе ви бидат потребни 14 свежи мандарини.
Кога мандарините ќе бидат наредени во калапот, претходно подготвената смеса распоредете ја рамномерно врз сите мандарини и просторот помеѓу нив.




Вака подготвената торта, печете ја во претходно загреана рерна на 180 степени околу 40 минути. По изминатото време, тортата превртете ја во голема чинија и оставете да се излади. Декорирањето на тортата го оставаме на вас. Може да декорирате со топено чоколадо кое ќе даде прекрасна вкус со комбинацијата од свежи мандарини.




Мандарините се одличен извор на диетални влакна, содржат дури три грама влакна на 100 г и обезбедуваат подолго чувство на ситост. Но, и кората од мандарините содржи голем број на антиоксиданси и е безбедна за консумирање доколку овошјето не е прскано. За да бидете сигурни во безбедноста на кората од мандарини, може да ја потопите во вода измешана со сода бикарбона и да оставите да отстои неколку часа.




Кората од мандарина е одличен природен лек за ублажување на кашлицата. За да ја сомелете кората, најпрво оставете ја да се исуши на крпа покрај прозор на собна температура. Кората би требало да се исуши до наредниот ден.




Народен лек за кашлица со кора од мандарини. Потребни состојки:​ 50 г кора од мандарина, 200 мл вотка и една стаклена тегла. Постапка: Сомелете 50 грама кора од мандарина и ставете во тегла.




Сомелената кора прелијте ја со една чаша вотка или 40% ал-кохол. Добро затворете ја теглата и оставете да отстои 7 дена на темно место. Процедете и чувајте во фрижидер, во тегла обложена со алуминиумска фолија, на долната полица од фрижидерот.

​Употреба: по една лажица после јадење, заедно со една лажица мед, трипати во денот. Лекува кашлица и го прочистува грлото.