I РЕЦЕПТ: Крцкави тиквички на вкусен и едноставен начин. Многу се вкусни како главно јадење или како прилог. Се прават многу едноставно, а сите ќе ви бараат репете кога ќе ги пробаат.
Потребни состојки: 6 тиквички, 2 мали лажички сол. За похување: 4 белки, 2 лажици вода, 1,5 шолја брашно (од 250 мл), 1 мала лажица лук во прав, ¼ мала лажичка црн пипер, ¼ мала лажичка сол, ½ шолја пармезан, 2 шолји презла, 10 лажици масло.
Пoстапка: тиквичките излупете ги, исечете ги на половина и секоја половина пресечете ја надолжно на три дела. Ставете ги во цедалка, посолете ги и оставете ги да отстојат додека да се исцедат, околу половина час.
Потоа измијте ги и исцедете ги од вишокот вода. Поголема тепсија обилно намастете ја со масло и оставете ја на страна. Тиквичките прво ставајте ги во мешавината од брашно, пармезан и зачини.
Па потоа во изматените белки во кои сте додале две лажици вода и на на крај во презла. Тиквичките наредете ги во тепсија, испрскајте ги одозгора со остатокот од маслото и печете ги во загреана рерна на 210 степени околу 35 минути или додека убаво да заруменат.
II РЕЦЕПТ: Печени тиквички со пармезан и зачини-брз ручек за 20 минути. Сигурни сме дека на овој начин досега не сте ги јаделе тиквичките: крцкави, здрави и превкусни.
Одлични се за летно време кога е претопло и не сакате да ја вклучувате рерната повеќе од 20 минути, но и кога ви е потребен брз и вкусен ручек кој не бара многу комплицирана подготовка.
Потребни состојки: 4 долги тиквички, 110 г рендан пармезан, ½ лажичка оригано, ½ лажичка сув босилек, ½ лажичка сушена мајчина душичка, ½ лажичка лук во прав, 2 лажици сув магдонос, сол по вкус, маслиново масло.
Постапка: Загрејте ја рерната на 180 степени. Во еден сад измешајте го пармезанот, солта и зачините. Тенките и измиени тиквички исечете ги на четвртинки по должина, па премачкајте ги со масло и наредете ги во намастен плех.
Вака наредените тиквички поросете ги со смесата од пармезан и зачини (или убаво целите извалкате ги), па печете 20 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Сервирајте ги топли.
III РЕЦЕПТ: Запечени полнети тиквички со мелено месо, кашкавал и многу вкусен прелив. Ова јадење најмногу ми го сакаат дома и затоа често го правам кога има млади и свежи тиквички.
Потребни состојки за полнење: 300 г мелено месо (со јунешко е најубаво), 1 главица црвен кромид (или обичен), 2-3 моркови, 3-4 лажици ориз, неколку ливчиња целер, 1-2 домати и малку салца или пире од домати.
По потреба: сол, црн пипер, оригано, вегета, црвен пипер, мешавина за мелено месо-зачини, свеж босилек и магдонос. Останати состојки: 2-4 тиквици (зависи од големината), малку масло, неколку лажици рендан пармезан или друг кашкавал.
За прелив: 3 јајца, 100-150 мл кисела павлака, 100-150 мл млеко, 1 лажица брашно, остатоци од тиквичкитте, рендани, малку сол и црн пипер.
Постапка: Кромидот исечете го тенко и испржете го на масло, па кога ќе добие стаклеста боја додајте го меленото месо и пржете додека месото да се „раз.бие“ и да ја промени бојата.
Во пржениот кромид додајте мелено месо. Пржете додека сета вода што ја испуштило месото да испари, а месото да потемне и има сличен мирис на плескавица. Ко0га местото ќе биде готово, додајте исечкан морков, малку пропржете, па додајте ориз кој исто така треба да се пропржи.
Додајте сечкани листови целер, а магдоносот се додава на средина од динстањето. Додајте излупен домат исечкан на коцки, па повторно промешајте. Залијте со малку врела вода, па поклопено оставете да крчка на тивко.
Повремено мешајте и долевајте вода по потреба. Сосот гответе го 20-30 минути или помалку. Свежиот босилек и магдонос исечкајте ги и додајте ги во сосот со месо. Тиквичките измијте ги, а ако се млади не треба да ги лупите. Исечете ги на парчиња со должина од 3-4 цм.
Секое парче издлабете го со чајна лажичка и редете ги во тепсија едно до друго, за да исланирате отприлика колку простор ќе ви зафатат. Сите остатоци се рендаат крупно, па кој сака може да го додаде во месото, но јас не го додавам.
Ренданите тиквички посолете ги и оставете ги да пуштат вода. Издлабените тиквички сварете ги кратко во солена вода 3-4 минути. Наредете ги во намастена тепсија. Секое парче полнете го со сосот од мелено месо.
Одозгора ставете малку рендан пармезан или некој друг кашкавал. Печете во рерна околу 15-20 минути на 200 степени. Во еден сад измешајте јајца, павлака, млеко и брашно. Посолете и ставете црн пипер по вкус.
Ренданите тиквички добро исцедете ги и додајте ги во смесата со јајцата, па измешајте. Секое парче тиквица прелијте го со лажица. Зафатете од дното на садот, зошто ренданите тиквички потонуваат. Остатокот од преливот излијте го помеѓу тиквичките.
Печете 15 минути додека да заруменат.