Немојте да бидете изненадени од името на питата со замрзнато сирење. Името е многу соодветно, бидејќи оваа пита мора да се стави во замрзнувач, пред да се испече. Денес во cајбер светот имате сѐ и сешто да најдете и прочитате. Барав оригинален рецепт што можам да го замрзнам и наидов на овој.

Замрзната пита со сирење




Веднаш ми се допадна, но бев и доста скептична. Ако ги замрзнам свежите кори, се плашев да не ми се изронат. Како ќе се печат питички без претходно да се одмрзнат? Така филозофирав околу еден час, ја прочитав постапката и решив да ја подготвам како и да е, без разлика на сѐ. Корите треба да бидат тенки како за баклава. Кога велам тенки, мислам на најмалку 20 парчиња во половина килограм.

Замрзната пита со сирење




Рецептот ме привлече бидејќи целиот процес на правење на оваа сирница одзема многу помалку време од било која друга пита. Сакав да се уверам дали навистина е така и морам да кажам дека сум пријатно изненадена. Навистина питата излезе одлична и на вкус. Сирницата е топла и миризлива, ова е еден стар, но многу вкусен рецепт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г тенки кори за пита, 2 јајца, 200 мл газирана вода (1 чаша), 200 мл сончогледово масло (1 чаша), околу 300 г свежо сирење и семки за наросување (бел/црн сусам, ким…). Во продолжение може да ја прочитате постапката:

ПОСТАПКА: Направете го филот за премачкување на корите. Се прави мешавина од 200 мл газирана вода (1 чаша), 2 белки и 200 мл масло. Белките не треба да се матат претходно. Сето тоа се спојува убаво во еднолична маса. Земете една кора, развлечете ја и целата премачкајте ја со течната смеса. Буквално ќе се натопи целосно. Одозгора ставете уште една кора и повторете ја постапката. Вака наредете четири кори.

Замрзната пита со сирење




Замрзната пита со сирење

Поделете ја кората по должина на три ленти или три еднакви делови. Краевите малку свиткајте ги навнатре, ставете една кафена лажичка сирење по должина и свиткајте во што потенко ролатче. Во сирењето не се додава ништо. Завиткајте ги ролатите внимателно, бидејќи корите се тенки и натопени, па можат лесно да се скинат.

Замрзната пита со сирење




Наредете ги ролатите во пластична кутија без капак, а потоа ставете ја кутијата во кеса за замрзнување или обична кеса. Јас подготвив повеќе пити и ги наредив во неколку пластични кутии бидејќи не сакав сѐ одеднаш да испечам. Може да подготвите ролати колку што сакате.

Замрзната пита со сирење




Оставете ги ролатите да се замрзнат. Тоа е приближно 2 часа, можеби и малку повеќе. Извадете ги замрзнатите ролати, премачкајте ги со изматените жолчки и наросете ги  со сусам или како мене со мешавина од повеќе семки. Питите се печат во претходно загреана рерна на 180 степени. Во зависност од рерната, минутите на печење се различни, но генерално брзо се печат.




Кога ќе ги извадите од рерна, веднаш се послужуваат на овал. Не е неопходно да ги покривате со крпа. Навистина се многу вкусни, па можете да ги имате спремни во замрзнувач и само да ги извадите по потреба. Само тогаш жолчките се проблем. Не можете да ги замрзнете, затоа користете ги за нешто друго.




Замрзната пита со сирење

А кога ќе сакате да ги испечете питичките премачкајте со нови жолчки. Или искористете сè одеднаш. Ќе видите дека кога ќе се испечат изгледаат како лиснато тесто. Излегуваат многу вкусни и мирисни, овој рецепт од мене има чиста десетка. / Сoolinarka.сom