„Идеално печиво за патување и топлите летни денови. Верувам дека ќе ви се допаднат бидејќи се навистина вкусни и лесни за подготовка. Откако ќе почнете да јадете, не можете да престанете. Крцкави и толку вкусни што едноставно се топат во устата“, вели Валентина.
Ова тесто не треба да се меси долго, доволно е додека да се соединат состојките. Без чекање, не содржи квасец и веднаш се развлекува и се става на печење. Овие стапчиња може да се направат за 20-тина минути, а другите може да се замрзнат и да се испечат кога ќе ви дојдат некои ненајавени гости или кога ви се грицка нешто. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 900 г брашно Т-400 меко, 2 јајца, 1 белка, 250 г маргарин/путер/масло, 200 мл бело вино, 300 г сирење, 1 прашок за печиво, 2 лажички сол, црн пипер, оригано и магдонос и други билни зачини што даваат необичен и ароматичен вкус.
ПОСТАПКА: Јајцата оставете ги да се стоплат на собна температура, 1 час пред подготовка на тестото. Во подлабок сад сипете приближно 600 г брашно. На средина направете дупка во која ќе ставите 2 јајца и 1 белка. Нежно соединете со додавање на брашното од страните.
Додајте 250 г омекнат путер/маргарин или масло. Соединете кратко со шпатула, па додајте 200 мл бело вино и 300 г издробено сирење. Дегустирајте го сирењето пред доавање на солта. Ставете 1 прашок за печиво и други билни зачини како црн пипер, оригано, сув магдонос и други зачини по ваш вкус.
Соединете го тестото рачно додека да стане компактно и да не се лепи под прстите. Постепено додавајте го остатокот од брашното (приближно 300-400 г), додека да ја добиете потребната текстура на тестото. Тестото не треба да се меси ниту да се чека да нарасне.
По замесувањето, веднаш пренесете го на набрашнета површина и со оклагија развлечете го во правоаголник со дебелина од 5-6 мм. Пресечете ги краевите на тестото за да може да го израмните и да добиете прави стапчиња. Премачкајте го со преостанатата жолчка и наросете со што повеќе сусам.
Малку притиснете го сусамот за да навлезе во тестото со помош на оклагија и исечете на ленти. Тестото се дели на половина од подолгата страна, па потоа на ленти со еднаква дебелина и ширина (големина по ваша желба).
Вака подготвените стапчиња наредете ги во обложен плех, малку одвоени, но не многу бидејќи не растат при печење. Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Стапчињата се печат 20-тина минути. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.