„Ова се моите три омилени вкусови: морков, зачин, туна, лук; кисели краставички, пиперки, маслинки; динстан кромид и шампињони (30 мл масло, малку зачини, црн пипер). Вие по ваш вкус можете да си додавате или одземате од намирниците, секако, откако ќе ја приготвите основната смеса“, вели Ивана.
„Ова е посен рецепт, но јас често го користам секојдневно, особено кога ќе ми дојдат моите драги пријатели кои се вегани, па сакам да ги израдувам, но и за мене секогаш е предизвик да приготвам нешто вкусно, а тоа да биде без млеко и јајца. Доколку ги приготвите овој рецепт, споделете ги вашите впечатоци во коментар.“
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВНА СМЕСА: 500 г пченкарно брашно, 500 г бело брашно, 250 мл масло, околу 800-850 мл вода, 3 лажички сол, 2 кесички прашок за печиво (20 г), сусам за наросување.
ЗА ПРВА ПИТА: 1 главица кромид, 30 мл масло, 200 г шампињони печурки, 1 лажичка сув зачин, една рака свеж магдонос. ЗА ВТОРА ПИТА: Еден голем морков (200 г), 1 конзерва туна 170 г, 1 чешне лук и малку копар. ЗА ТРЕТА ПИТА-ШПАНСКА: 5-6 кисели краставички (100 г), 1-2 раце зелени маслинки и 100 г кисели пиперки.
ПОСТАПКА за првата пита: исчистете една главица кромид, па ситно исечкајте ја. Кромидот ставете го во тава заедно со 30 мл масло и запржете го на умерен оган додека да омекне. Потоа исечкајте ги печурките на ситни коцкички и додајте ги во тавата.
Зачинете со малку сув зеленчуков зачин (вегета) и црн пипер во прав, па пржете уште неколку минути додека зеленчукот да омекне и да испари вишокот течност. Оставете да се лади. За тоа време пригответе ги состојките за втората пита: изрендајте го морковот, копарот ситно исечкајте го, а исто така и лукчето.
За третата пита: киселите пиперки исечкјате ги на ситни коцкички, а потоа и киселите краставички. Маслинките исечкјате ги на тркалца. Кога ќе ги подготвите сите состојки, може да ја направите и основната смеса:
Во поголем сад ставете 500 г пченкарно брашно, па додајте 500 г бело брашно, 3 лажички сол, 2 кесички прашок за печиво, па промешајте со лажица за да се изедначат сите суви состојки. Потоа направете во средината бунарче и тука истурете 250 мл масло и приближно 800-850 мл обична или газирана вода.
Водата додавајте ја постепено за да ја оцените густината на тестото кое треба да биде полутечно, погусто од она за палачинки. Целата добиена смеса е околу 3 литри, па поделете ја на три еднакви делови (за мерење користете некоја мензура од 1 литар). Во првата смеса додајте ги пржените печурки со кромид и малку исечкан магдонос.
Во втората смеса додајте го ренданиот морков со лукчето и копарот, па додајте ја и туната од конзерва. Во третата смеса додајте ги сечканите кисели пиперки, краставички и маслинки. Сите три смеси добро промешајте ги со лажица додека да се изедначат состојките.
За да ги печете сите три пити одеднаш, тогаш земете еден поголем плех, обложете го со хартија и со помош на фолија направете две прегради, така да добиете три помали калапи во плехот. Може да ги печете и посебно во некој помал калап што обично го користите за леб или ролат. Излејте ги смесите и распоредете ги рамномерно.
По желба наросете сусам одозгора и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени (преградите од фолија можете да ги извадите пред печење, или да ги оставите) околу 40 минути додека убаво да зарумени. Кога е печена покријте ја со кујнска крпа и оставете да се подизлади. Потоа сечете ја на коцки.