Рецепт и објаснување – билкарот Мартин Најдовски (за повеќе детали обратете се на неговата страница Лилма).
Чајната мешавина е одлична за ученици и студенти кои имаат проблем со концентрација и слабо памтење, а исто така може да ја користат и повозрасни луѓе кои имаат проблем со меморијата.
-Оваа чајна комбинација доста помага кај луѓе кои не можат да се фокусираат пред учење, кои имаат проблеми со памтењето и слично. На доста студенти и ученици го имам применето и можам да ви кажам дека резултатите се одлични – вели Мартин и го открива рецептот за оваа чајна мешавина.
Потребни состојки:
20 г рузмарин
20 г жалфија
20 г мајчина душица
Постапка:
Сè се меша па 2 супени лажици од мешавината се попарува со 500 мл вода зовриена, стои 20 мин поклопено, се цеди и пие по 2 шолји на ден, наутро и навечер, 30 минути пред јадење. Се пие 7 дена со 2 дена пауза и се повторува по потреба. Многу е важно да се пие барем 1 недела пред учењето – заклучува Мартин Најдовски.
Малку повеќе за билките:
Рузмарин
Лековити својства: Ја подобрува концентрацијата и работата на мозокот
Рузмаринот е моќен антиоксиданс кој го зголемува протокот на крв кон мозокот и го заштитува мозокот од слободните радикали, а со тоа го намалува ризикот од мозочен удар и болести како Алцхајмеровата болест.
Оваа билка ја зголемува будноста и концентрацијата при што води до поефективно извршување на задачи кои се поврзани со помнење.
Рузмаринот често се користи за маринирање на месо и има добра причина за тоа. Тој содржи киселини и супстанции кои се борат против бактериите и го спречуваат расипувањето на месото, а и го прават готвеното месо поздраво.
Се верува и дека рузмаринот го стимулира имунолошкиот систем, ја подобрува циркулацијата и ја подобрува дигестијата на храната.
Жалфија
Лековити својства: Против болно грло, за зачувување на помнењето.
Сварете си чај од жалфија ако имате проблеми со стомакот или ако ве вознемирува сувото и болно грло. Чајот од жалфија ги намалува болките во грлото.
Прелиминарните истражувања укажуваат дека жалфијата може да олесни дел од симптомите на Алцхајмеровата болест. Во друго истражување студентите кои примале екстракт од жалфија пред испит постигнале значително подобри резултати на тестовите за памтење, а кај нив се подобрило и расположението.
Мајчина душичка
Мајчината душичка, пред сè, има антивоспалително и антимикробно дејство. Таа е добар антисептик на внатрешните органи, органите за дишење и на урогениталните органи.
Помага во искашлувањето на секретот од белите дробови и во намалувањето на болката во градите. Токму поради ова, се употребува при лекување на воспаление на дишните патишта и на белите дробови (бронхитис, бронхопневмонија, бронхијална астма, ларингит и туберкулоза).
Се препорачува за лекување и за олеснување на симптоми на мигрена, на бубрежни и желудочни тегоби. Поволно влијае на сите внатрешни органи, го смирува организмот и ги зајакнува нервите. Се препорачува при состојби на несоница и на депресија. Чајот од мајчина душичка е ефикасно средство за да се ослободите од стресните денови и за да се релаксирате.