Есента е едно од најубавите годишни времиња кога станува збор за храната и богатите можности да се спакуваат сите хранливи материи од плодовите кои ни ги дала природата. Ако сте љубител на грозјето како мене, сигурно ќе го обожавате овој домашен џем.




Може да го приготвувате од какво било грозје, црно или бело, со семки или без, но секако, најубаво е она од старата миризлива сорта. Ако џемот го правите од помала количина, 1,5-2,5 кг грозје, тогаш се готви околу 40-тина минути до еден час.




Ако правите поголема количина и го печете во големо и широко тенџере како за ајвар, тогаш можеби ќе ви биде потребно повеќе време. За првпат овој џем го пробав кога го добив на подарок, па толку многу ми се допадна што одлучив веднаш и јас да си направам.

Така открив дека постојат повеќе постапки за приготвување на џемот, а и количината на шеќерот може да варира во зависност од сортата на грозјето, односно од тоа колку е слатко самото зрно.




Ќе ви откријам двата рецепти кои според мој вкус се најдобри. За првиот пронајдов и видео презентација од еден одличен канал чијшто линк ќе го прикачам во текстот. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ – РЕЦЕПТ 1: На 2,5 кг грозје се става приближно 300-500 г шеќер, во зависност од самото грозје или на 1,5 кг само бобинки, околу 200 г шеќер. Во видео презентацијата е опишан процесот на приготвување од 5 кг неисчистено грозје. По желба се додава ванилин шеќер и една супена лажица рум или ракија, а може и малку џемфикс.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ – РЕЦЕПТ 2: 1 кг бело грозје, 1 кг шеќер (или помалку), 1 литар вода, 1 кесичка ванилин шеќер и свежо цеден сок од 2 лимони.

ПОСТАПКА ЗА РЕЦЕПТ 1: Одвојте ги бобинките од петелките. За количина до 2,5 кг користете едно големо широко тенџере кое го собира на голема рингла, а ако имате 5 кг, поделете го на две тенџериња за побрзо да ви се зготви.




Ставете на умерено силна температура да се вари околу 15-тина минути. За тоа време бобинките ќе се раскашават и ќе излезе содржината од внатрешноста. Мешајте и со дрвена лажица уште малку притиснете ги бобинките.




Потоа дел по дел процедете ја содржината низ сито или цедалка. Колку е поголема цедалката, толку процесот е побрзо. Исцедете колку можете повеќе од сокот со пулпата, а отстранете ги семчињата и поголемите лушпи.




Процедената смеса вратете ја повторно на оган и додајте го шеќерот. Продолжете да го готвите џемот на средно умерена температура, уште приближно 35 минути, а по желба додајте и ванилин шеќер. Исто така, додајте 1-2 лажици рум или ракија, а некој става и малку вински оцет (една лажица).




Продолжете со готвење (со или без џемфикс) уште 5-10 минути до посакуваната густина. Проверка дали џемот е сварен: извадете една лажица џем во плитка чинија, оставете да подизлади, па кога ќе поминете со лажицата или прстот низ џемот, треба да остане празна линија.




Додека е врел џемот складирајте го во топли тегли, претходно стерилизирани во рерна на 90-100 степени околу половина час или еден час. Затворете ги добро со капакот и веднаш превртувајте ги за да се вакумираат. Оставете ги да се оладат, па чувајте ги на темно и ладно место.




ПОСТАПКА ЗА РЕЦЕПТ 2: Во поголемо тенџере ставете ја водата да зоврие. Во меѓувреме измијте го грозјето, одвојте ги само зрната, а кога водата ќе зоврие ставете ги во неа и варете околу 10-15 минути на посилен оган. Кога лушпата ќе напукне, испасирајте ја смесата. Потоа, додајте го и шеќерот и ванилиниот шеќер.




Продолжете да варите уште 1 час со постојано мешање. Кога џемот е доволно густ, тргнете го од огнот и складирајте го во топли стерилизирани тегли (околу 20 минути на 100 степени) и добро затворете го. Оставете го во претходно затоплената рерна за да се излади постепено. До отворањето, чувајте го на темно и ладно место, но не во фрижидер. Деталите од постапката на првиот рецепт погледнете ги во видеото ОВДЕ.