Пробајте ја оваа освежителна торта со малини која може да се послужи и како сладолед, според рецептот на „Практична жена“, се прави за час. Тортата се состои од неколку различни филови: основа како за чизкејк, и комбинација од два фила: крем со малини и чоколаден крем. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за кора): 150 г мелени чоколадни бисквити и 50 г несолен путер. ЗА ФИЛ СО МАЛИНИ: 300 мл слатка павлака, 1 конзерва густо кондензирано млеко (300-400 г), 300 г малини. ЗА ЧОКОЛАДЕН ФИЛ: 300 мл слатка павлака, 1 конзерва кондензирано млеко, 2,5 супени лажици какао во прав. И УШТЕ: чоколаден сируп




ПОСТАПКА: За подлога може да користите какви сакате кекси, но за поголем ефект користете чоколадни кекси со темно кафеава боја. Во кексите додајте и 50 г омекнат путер, па промешајте додека да се соединат.




Оваа смеса рамномерно распоредете ја на дното од некој помал калап или чиста кутија од претходно искористен салдолед. Натапкајте со рака или со дното од некоја чаша за смесата да се притисне.




ФИЛ 1: Слатката павлака изматете ја неколку минути со миксер додека да добиете шлаг. Додајте една конзерва густо кондензирано млеко и 300 г малини. наместо малини може да ставите вишни, јагоди или овошје по желба. Промешајте до изедначување.




ФИЛ 2: Слатката павлака изматете ја неколку минути со миксер додека да добиете шлаг. Додајте една конзерва густо кондензирано млеко и 2-3 супени лажици засладено какао во прав или чоколадо во прав по желба. Промешајте до изедначување.




РЕДЕЊЕ: врз основата од кекси излејте и распоредете половина од филот со малини. Одозгора малку нанесете чоколаден сируп или растопено чоколадо, па распоредете го целиот чоколаден фил.




Најпосле распоредете ја втората половина од смесата со малини, израмнете, по желба украсете со чоколаден сируп или свежо овошје, поклопете со стреч-проѕирна фолија и ставете во замрзнувач додека целосно да се стегне. Пред послужување оставете го на собна температура за да се исече полесно. Деталите погледнете ги ОВДЕ.