Потребни состојки за подлога:

150 г мелени бисквити

50 г мелени печени лешници (тостирани)

1 лажица Нутела или друг крем

80 мл млеко

Потребни состојки за крем од свежо сирење:

500 г несолено, свежо сирење

250 мл слатка павлака

1 полна лажица течен мед

8 г мелен желатин

Потребни состојки за Нугат крем:

125 г Милка чоколадо со топен лешник Noisette

100 мл кисела павлака

+ по желба мелени лешници за нарозување

Постапка:

Печените лешници можете да ги сомелите или да ги иситнете на покрупни парчиња, по вкус.

Тацната на која ќе се служи тортата се обложува со хартија и се поставува со обрачот за торти (20 см).

Сите состојки се мешаат во длабок сад со рака. Се добива компактна смеса која не се рони. Доколку смесата е сува, додадете уште малку млеко, а ако е леплива, додадете уште малку бисквити. Со рака втиснете ја смесата на дното од калапот и израмнете. Прекријте со најлонска фолија за да се суши додека се приготвува кремот од сирење.

Крем од сирење: прелијте го желатинот со 6 лажици вода и оставете да набубри околу 5 минути. Сирењето, медот и течната слатка павлака кратко измешајте ги со миксер за да се соединат сите состојки. Набубрениот желатин растопете го на најтивок оган, додадете 4 лажици од смесата со сирење, загревајте со постојано мешање додека да се добие течна, мазна смеса.

Течната смеса со желатинот излејте ја во тенок млаз во смесата од сирење со постојано мешање со миксер и матете уште некоја минута додека состојките да се спојат.

Веднаш нанесете преку подлогата од бисквити, израмнете и оставете во фрижидер, додека се приготвува Нугат кремот.

Нугат крем: Чоколадото растопете го на пареа или во микробранова печка. Додадете лажица кисела павлака со енергично мешање. Смесата ќе започне да се згуснува. Додавајте го остатокот од киселата павлака, лажица по лажица со енергично мешање. Со секое следно додавање на лажица кисела павлака, смесата ќе станува поретка. Ако смесата е прегуста за излевање, кратко загрејте ја на пареа или во микробранова печка. Веднаш прелијте преку кремот од сирење.

Ако сакате поинтензивен вкус на лешник, преку нугат кремот веднаш наросете мелени лешници.

Оставете преку ноќ, најмалку 6 часа во фрижидер.