Фотографја и рецепт на Лидија Стојанова. Голема благодарност до нашата читателка Лидија Стојанова од Неготино што го сподели со нас овој пост за Василичарска погача.
Потребни состојки: 1 коцка свеж квасец, 500 мл млако млеко, 3 јајца, 2 филџани за кафе масло (околу 200 мл), 5 супени лажици кисело млеко (на собна температура), 2 супени лажици шеќер, 2 кафени кажички сол, брашно по потреба, за да се замеси средно меко тесто кое не лепи на раце (околу 800 г – 1 кг).
Постапка: Во малку млако млеко се раствора квасецот со малку шеќер и брашно. Се остава на топло околу 10-тина минути да се активира. Брашното се просејува, па со додавање на останатие состојки се замесува средно меко тесто.
Тестото се остава 15-тина минути да одмори, а потоа се дели на повеќе топчиња. Формираните топчиња се редат во претходно намастена тепсија (бр.30).
За фигурите за украсување: се приготвуваат на самиот почеток, пред да се замеси погачата. Тестото за белите фигури е исто како за леб, само без квасец и сол. Се замесува со брашно, нишесте (густин) и вода, да се добие потврдо тесто.
Се лепат со шеќерна вода-сируп за да не паѓаат пред крај на печењето на погачата и да останат бели. Може да користите 100 г брашно и 100 г густин и да замесете со вода. Готовата погача се украсува со фигурите што сте ги подготвиле претходно, и се премачкува со жолчка од јајце (освен фигурите).
Се става да се пече во загреана рерна, во почетокот на 200 степени околу 10-15 минути, па се допекува на 180-150 степени во зависност од рерната, околу еден час.
Напомена: Бидејќи станува збор за групно и организирано славење на василичарски оган, присутните побараа погачата да биде со обични топчиња и да бидат на број колку што има присутни на собирот. Паричката се разбира е во едно од овие топчиња. Ќе се падне кај најсреќниот.
За многу години Стара Нова година – Василица! Здравје, среќа, љубов, бериќет и мир за секого! – Лидија Стојанова (ос архива)
Фотографија и рецепт на Лидија Стојанова