Рецепт и видео презентација на Мои Домашни Рецепти – слатко од киви.

Навикнати сме на стандардното овошје како јагоди, малини, јаболка, круши, дињи… Но, ајде за момент да излеземе од зоната на комфорот и да приготвиме нешто поинаку.

За сите оние што патат од анемија се препорачува да јадат секое утро по едно киви на празен желудник или помеѓу оброците…секако во комбинација со здрава и избалансирана исхрана

Ако и инаку сте љубители на кивито, ова слатко многу ќе ви се допадне. Па, и да не сте фан на киселакастите овошја, пак можете да си го приготвите, бидејќи кивито ја впива сета слаткост, но сепак останува една многу мала нијанса од неговата оригиналност – и тоа го прави ова слатко да биде толку посебно.

Освен што е многу декоративно и освен за послужување на гостите, може да послужи и за декорирање на торти и колачи, но и како додаток на некој фил. Летно време ве освежува, а зимно време ви ја грее душата.

Постапката за приготвување е многу лесна: за приближно 1 кг киви се вари сируп од 500-800 г шеќер и 200-250 мл вода, а откога ќе зоврие сирупот на умрена температура се вари 20 минути, да добие густина нешто поретка од медот (да паѓа капка по капка).

Во меѓувреме се приготвува кивото – се лупи, па се сече на половинки, а ако плодовите се ситни и не мора, може да се пробуши на средината со дрвено стапче за ражен или чепкалка.

Она што е важно е да одберете киви кое е таман зрело, малку потврдо, зошто ако е меко ќе се распадне и нема да биде баш репрезентативно. Откако ќе го спуштите кивито во сирупот се вари на најтивко околу половина час. Ако го ставите штом зоврие сирупот, тогаш се вари околу еден час. Слаткото се складира додека е топло во тегли, а по желба можете и да го пастеризирате. Во слаткото ако сакате може да додадете и кругови од лимон.

Но, да го проследиме сега рецептот на Сара од Мои Домашни Рецепти за чија подготовка има и видео презентација, а истата можете да ја погледнете подолу под пишаниот рецепт.

Потребни состојки:

1 кг киви
800-900 г шеќер
250 мл вода
10 г лимонтус
2 литри вода

Постапка:

Еден килограм киви (потврди) излупете ги, сечете ги на парчиња и ставајте ги во подлабок сад со 2 литри вода и 10 г лимонтус (една кесичка). Во овој раствор оставете ги да одморат 10 минути. Направете сируп од 800-900 г шеќер и 250 мл вода.

Ставете ги на оган па кога ќе зоврие, во сирупот додадете ги процедените парчиња киви. Варете ги еден час со повремено тргање на пената. Жешкото слатко се полни во тегли, се затвораат со метални капаци и се остава да излади. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.