Оризово млеко е напиток направен од ориз. Исто како и соиното и бадемовото млеко, и ова млеко не е од животинско потекло, па така можат да го пијат лица со интолеранција на лактоза. Оризовото млеко спаѓа во хранливи, лесно сварливи намирници.
Оризовото млеко е одлична замена за обичното кравјо млеко во деновите на пост. Не е масно па може да се корсти и за приготвување на разни јадења и десерти. За лицата кои го одбегнуваат кравјото млеко поради алергии е одлична алтернатива, без разлика дали сами ќе си го приготват или ќе го купат како готов производ.
Оризовото млеко се прави од варен ориз (обичен или интегрален) и по желба може малку да се заслади. Инаку, оризовото млеко само по себе има веќе некој свој благо слаткаст вкус кој настанува од природните ензимски процеси кога јаглехидратите се претвораат во шеќери.
Ако го споредиме со кравјото млеко, оризовото има поголем процент на јаглехидрати, а од друга страна не содржи доволно калциум и белковини, и во целост е без лактоза и холестерол.
Оризовото млеко во однос на кравјото може да ви делува разредено, додека на други им е многу вкусно, што секако зависи од количината на вода во млекото. Како и да е, многумина си го прават дома по сопствен рецепт и вкус, а исплатливоста има предност бидејќи во домашното оризово млеко нема адитиви и додатоци (калциум, витамини А, Д…).
Потребни состојки:
1 литар вода
125 г ориз
1 стапче ванила (или цимет)
Постапка:
Во лонец ставете ги состојките и гответе на умерена температура додека да омекне оризот. Оставете да излади, па потоа извадете го стапчето од ванила. Потоа, целата содржина ставете ја во блендер. Добро измиксајте па оставете да отстои уште 45 минути, па процедете низ повеќеслојна газа.
Добиеното оризово млеко чувајте го фрижидер.