Тирамису е италијански десерт којшто се приготвува со пишкоти (посебен вид на бисквитни кекси) натопени со кафе еспресо, сирење маскарпоне (меко, слатко и кремасто сирење, вид на слатка павлака), јајца, шеќер, вино марсала или рум и какао.
Овој колач е еден од најпопуларните десерти, се послужува насекаде во светот, не само во италијанските ресторани и пицерии. Рецептот е адаптиран за торти, пудинзи, сладоледи и други варијанти на десерти, а наместо кафе може да се употребат и други состојки како сок од јагоди, малини или лимон, како и чоколадо.
Овојпат ви го претставуваме рецептот на Кате со кој ќе приготвите многу вкусен тирамису ролат за кој ќе одвоите најмногу 5-10 минути. Единствено потоа ви преостанува само да го оладите колачот еден час во фрижидер и да го декорирате по желба. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 20 парчиња пишкоти и ладно инстант или нескафе за натопување, 250 г маскарпоне или друго свежо крем сирење (ако купечкото ви е скапо, подолу имаме рецепт како да си приготвите домашно), 1 супена лажица шеќер во прав, 500 мл слатка павлака за шлаг, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 6 супени лажици нутела или лешников крем по желба, малини или друго бобесто овошје. За декорација: 200 мл слатка павлака, малини и какао во прав
ПОСТАПКА: врз работна површина отворете стреч-проѕирна фолија. Сварете го кафето и оставете го да се олади. Пишкотите натопувајте ги кратко во кафето и редете ги врз фолијата една до друга, по десет во два реда.
Во подлабок сад сипете го маскарпонето, додајте шеќер во прав и пенасто изматете го со миксер за да стане кремасто. Потоа, додека непрекинато матите постепено и во тенок млаз додајте ја ладната слатка павлака (од фрижидер). Додајте го и ванилиниот шеќер.
Матете додека да добиете цврст шлаг-крем. Кремот истресете го врз натопените пишкоти, рамномерно распоредете го преку целата површина и израмнете. Во средината ставете омекната нутела (со лажичка или готварски шприц) и еден ред малини.
Со помош на дланките подигнете ги пишкотите од двете страни за да се затвори ролатот. Дополнително обликувајте го внимателно со рацете, па свиткајте го целиот во фолијата и оставете го фрижидер да се олади најмалку еден час.
Потоа отстранете ја фолијата и декорирајте го со изматен шлаг од слатка павлака, малини и наросете го со какао во прав. Видеопрезентацијата на Кате погледнете ја ОВДЕ. Како да приготвите домашно маскарпоне прочитакјте во продолжение на текстот.
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко (колку има повисок процент на млечни масти, толку подобро и поквалитетно крем сирење се добива), 500 мл немасен кефир (јогурт), 1 јајце, 1 кафена лажичка лимонов сок, 1 кафена лажичка сол, 1 кафена лажичка шеќер. Постапката прочитајте ја ОВДЕ.
РЕЦЕПТ 2 – (Дадените состојки се за приближно 500 г маскарпоне) ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар слатка павлака за шлаг со околу 36% мм и 30 мл лимонов сок (околу 3 лажици). УШТЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 1 чиста газа/кујнска крпа или друга тенка, памучна ткаенина, 1 цедалка или сито, 1 големо тенџере. Постапката прочитајте ја ОВДЕ.