Виолета го сподели нејзиниот многу вкусен рецепт за џем од круши, јаболка и праски. Целата постапка е многу едноствна и за кратко време ќе го добиете најубавото слатко на есента. Оваа комбинација од состојки е концизно осмислена за да биде совршена.




Овој џем е многу вкусен и се прави во еден ден. Потоа се остава само да се олади. Бидејќи сезонава праските не беа толку благи, од нив ставив најмалку, а најмногу на вкус се чувсвуваат крушите. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 кг круши, 3 кг јаболка, 1 кг праски, 2 кесички ванилин шеќер, 500 г шеќер. По желба може да додадете поголема количина на праски или јаболка, во зависност од тоа каков вкус претпочитате.




ПОСТАПКА: Сите овошја се мијат добро под млаз со вода, на неколку пати. Потоа се започнува со чистење на кората. Крушите, јаболката и праските се лупат од кората, потоа им се отстрануваат семките и дршките (доколку има).




Се сечкаат на мали коцки и се ставаат во сад за готвење. Најпрво се реди еден ред од овошјето, на пример крушите, потоа се распоредува 1 кесичка ванилин шеќер и се додава половина од обичниот кристален шеќер, околу 500 г.




Одозгора се реди останатото овошје и пред да се стави тенџерето на рингла, се додава втората кесичка ванилин шеќер и останатиот кристален шеќер. Овошјето нежно се промешува со дрвена лажица за шеќерот да се распореди.




Потоа тенџерето се става на рингла и се покрива со соодветен капак. На овој начин се остава да се вари додека овошјето добро да омекне и да почне да го испушта својот сок, а шеќерот да се растопи. За овој процес ќе биде потребно готвење околу 3,5 часа. Ринглата ми беше вклучена помеѓу 4 и 5.




По изминатото време, кога овошјето ќе испушти од сокот, се продолжува со крчкање и всушност оттогаш се започнува процесот на подготовката на џемот. На секои 20-тина минути, потребно е да го промешувате џемот и да го проверувате.




Овој процес се прави на неколку пати, за што ќе биде потребно околу 1,5 час додека целосно да се згусне и овошјето да се стопи. Доколку на крајот ви остане сосем малку од овошјето, можете да го испасирате со рачен блендер.




Џемот е готов кога од него ќе остане само густа течност која кога ќе ја поместите со лажица, не се разлева и не се враќа првобитно низ дното на тенџерето. Значи, џемот треба да биде со густа конзистентност.

Додавањето на шеќерот е секако опционално. Може да додадете повеќе или помалку во зависност од тоа колку сакате да биде слатко. На крајот, сè зависи од овошјето. Во овој рецепт, јаболката и крушите беа доста слатки, па оваа количина на шеќер беше сосем доволно.

Кога џемот ќе биде готов, складирајте го во чисти и загреани тегли. Добро затворете ги и свртете ги наопаку, да стојат врз капакот околу 10-тина минути, а потоа вратете ги во нормална положба и оставете да изладат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.