Ова е омиленото јадење на моите дома. Денес питата ја правев со сирење и праз, а може и само со сирење, со мелено месо или со сирење и спанаќ, шунка и кашкавал… Питата е мека и вкусна и следниот ден.

Потребни состојки: 1 кг брашно, 400-500 мл млеко, 100 мл вода, 1 коцка свеж квасец, 1 лажица сол, 2 лажици шеќер, 1 филџан за кафе масло (100 мл), 1 лажичка алкохолна киселина (оцет) и 250 г маргарин/путер за премачкување

За фил: 400 г тврдо сирење или ситно сирење за пита, 3-4 страка праз, 1 јајце за премачкување, сусам за наросување и 1 лажичка црвен пипер за наросување (по желба).

Постапка: Во еден мал сад ставете 100 мл млака вода, растворете во неа една коцка свеж квасец со малку шеќер и брашно, промешајте и оставете 10-тина минути на топло додека да се активира.

Во поголем сад ставете брашно, во средината направете вдлабнување, додадете сол, шеќер, масло, оцет, активираниот квасец и полека со додавање на млако млеко замесете мазно тесто.

Истресете го на работна површина и измесете го со раце додека да добиете еластично тесто (а по потреба додадете брашно). Ставете го тестото во сад да одмора околу 10-15 минути покриено со крпа, значи нема потреба да стасува долго додека да го удвои волуменот.

Исечете го празот ситно и кратко пропржете го на малку масло. Ако сирењето е тврдо, тогаш изрендајте го на крупо. На тивок оган само малку растопете го маргаринот за да може полесно да се нанесува врз корите.

Тестото ставете го повторно на работна површина и поделете го на 6 топчиња. Од секое топче со оклагија развлечете кора од приблино 35 см. Корите премачкајте ги со растопениот маргарин, наросете врз нив сирење и праз и редете ги една врз друга, освен врз последната.

Од вака наредените кори се обликува една голема со правоаголна форма со величина на плехот во кој ќе се пече питата (23х39 см). Последната кора за да има поубав изглед малку наросете ја со црвен пипер во прав.

Кората исечете ја на 8 ленти. Со раце секоја лента свиткајте ја во две спротивни насоки (како спирала). Потоа спиралите наредете ги една до друга во плех намастен со маргарин.

Покријте го плехот со чиста крпа и оставете да стасува околу 30-40 минути. Потоа премачкајте ја одозгора со смеса од изматена жолчка и малку млеко и масло, наросете малку сусам, а потоа нанесете го преостанатиот маргарин помеѓу секоја спирала.

Ставете да се пече на 200 степени во претходно загреана рерна околу половина час. Кога малку ќе подизлади целата пита превртете ја врз чиста крпа или хартија за да не се создава влага на дното од плехот. Спиралите лесно се одвојуваат што е добро, бидејќи питата се сече на парчиња со величина на кифла.

Coolinarika.com