Здраво на сите, се надевам дека сте добро. Овојпат би сакала да ви покажам еден рецепт кој се приготвува доста едноставно, а изобилува со зеленчук. Може да го приготвите за појадок или вечера, но и како лесен ручек доколку го одбегнувате месото.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г печурки, 1 црвена пиперка, 1 зелена пиперка, 15 мл масло (3 лажици), 4 јајца, 1/2 лажичка сол, 1/2 лажичка чили во прав, 1/2 лажичка црн пипер во прав, 1/2 лажичка мајчина душичка или оригано, 1/2 лажичка нане, 5-6 млади зелени кромитчиња




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПРЕЛИВ: 1 јајце, 100 мл млеко, 1/2 лажичка сол, 1,5 лажица брашно (15 г). И уште: околу 100 г чедар или друг вид на рендан кашкавал




ПОСТАПКА: Во помало, а високо тенџере ставете ги 4-те јајца и прелијте ги со 3 чаши вода (600 мл). Во водата додајте половина лажичка сол и прстофат сода бикарбона (за да не испу-каат), па ставете ги оган да се сварат. Од моментот на зовривање, намалете на умерено и варете ги 8 минути.




Варените јајца прелијте ги со ладна вода (или оставете ладна вода да тече врз нив една минута), а потоа излупете ги и тргнете ги на страна. Во меѓувреме исечкајте на тенки ленти една црвена и една зелена пиперка. Секако, може да користите какви било пиперки.




Варените јајца внимателно исечете ги на половина, по должина, па и нив ставете ги на страна. Потоа земете 300 г свежи печурки, измијте ги убаво, исцедете ги од вишокот вода, па и нив исечкајте ги на лентички.




Во нелеплива тава загрејте 15-тина мл масло (околу 3 супени лажици), па додајте ги сечканите пиперки и пржете ги 2-3 минути колку да омекнат. Потоа додајте ги печурките и продолжете заедно да ги динстате. За околу една минута печурките ќе го испуштат сокот.




Гответе уште 10-тина минути додека да испари вишокот течност испуштена од печурките. Доколку приготвувате со маринирани печурки, потребно е само да ги процедите и испалкнете со ладна вода, па да ги пропржите неколку минути заедно со пиперките.




За тоа време пригответе го преливот. Во блендер или поголем сад за матење ставете едно јајце, 100 мл млеко, зачини и брашно. Промешајте добро додека сите состојки убаво да се соединат. Ќе добиете прелив кој е нешто поразреден од смесата за палачинки.




Штом ќе испари течноста од печурките, во тавата додајте го преливот. Потоа одозгора наредете ги јајцата и наросете ги со ситно сечкан млад кромид. Посолете и запиперете со чили и црн пипер во прав. Додајте и зачински билки по ваш вкус. За сето време гответе го јадењето на многу ниска температура.




Најпосле наросете рендан кашкавал, поклопете и продолжете со готвење уште една минута, колку да се растопи кашкавалот. Јадењето може веднаш да се послужи. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.