Не мора да сте вегетаријанци за да почнете да се сладите во вкусниот зеленчук. Приготвен на овој начин тој е повкусен дури и од месото. Подготвувањето ќе ви одземе само неколку минути, а ќе добиете еден многу вкусен и здрав оброк кој можете да го послужите како главно јадење, прилог или закуска.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг тиквички, 2 моркови, 2 долги зелени пиперки, 2 црвени пиперки, 1 главица кромид, 20 мл маслиново масло (2 супени лажици). За сос: 3 јајца, 300 мл млеко, 30 мл маслиново масло, 10 г прашок за печиво, 1/2 лажичка црн пипер, 2 лажици свеж копар или по вкус, 1/2 лажичка сол, 135 г брашно и уште 100 г чедар или друг вид рендан кашкавал за наросување одозгора
ПОСТАПКА: Тиквичките измијте ги, па исечете ги на тркалца, а потоа и на половинки. Морковите добро измијте ги, исчистете ги, а потоа исечкајте ги на тркалца. Потоа измијте го и останатиот зеленчук, па исто така исечкајте го на не многу ситни парчиња.
Црвените пиперки исечете ги надолжно на половина, отстранете ги дршките и семето, а потоа исечете ги на ленти. Зелените пиперки (кои може да бидат и лути ако така сакате), исечкајте ги на тркалца.
Кромидот излупете го, преполовете го, па и него исечкајте го на ленти. Во нелеплива тава ставете 20 мл маслиново масло и загрејте на умерена температура. Додајте ги морковите и гответе ги 2 минути.
Потоа додајте го кромидот и пиперките, па продолжете со пржењето уште две минути. Мешајте непрекинато за да може зеленчукот рамномерно да омекне. Потоа додајте ги тиквичките, посолете и продолжете со динстање уште 5 минути под капак, со повремено промешување.
За тоа време зеленчукот ќе омекне и ќе го ослободи својот сок. промешајте уште еднаш внимателно и тргнете го садот на страна. Пригответе во сосот: во подлабок сад за матење ставете 3 цели јајца.
Изматете ги со жица-маталка, па додајте 300 мл млеко, 30 мл маслиново масло, 10 г прашок за печиво (една кесичка), малку црн пипер во прав, малку свежо сечкан копар, половина лажичка сол и 135 г брашно.
Добро изматете додека да добиете убава мазна, изедначена смеса без грутчиња, а по конзистенција слична на смесата за палачинки, само малку поретка. Во огноотпорен сад претходно намастен, прво распоредете го полузготвениот зеленчук.
Потоа, врз зеленчукот прелијте ја рамномерно претходно приготвената смеса, протресете за да се распореди рамномерно, па одозгора наросете 100 г рендан кашкавал (чедар или некој по ваш избор).
Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути или додека убаво да зарумени одозгора. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.