Брзо и лесно предјадење кое може да го направите во секој момент. Вкусна вечера за цела фамилија. Тајната е во убавото тесто кое се подготвува без јајца. Може да ги правите за појадок или како предјадење за празничната трпеза. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно + уште 2 лажици, 20 г свеж квасец, 1 мала лажица шеќер, 50 г путер, 200 мл топло млеко, 1/2 лажица сол, 1/2 лажица оцет, 100 г кисела павлака со 30% масленост. ЗА ФИЛОТ: 75 г путер, 200 г шунка или некое друго сувомеснато, 250 г рендана моцарела или кашкавал по ваш избор, 1 јајца, сусам.




ПОСТАПКА: aко користите свеж квасец тогаш ви е потребно 20 г, но доколку користите сув квасец тоа е 8 г или инстант квасец 6,6 г. Ставете го квасецот во подлабок сад, доколку е свеж издробете го и потоа прелијте со топлото млеко (не треба да е зовриено).




Промешајте и почекајте малку квасецот да се раствори, па додајте 2 лажици од брашното и 1 лажица шеќер. Повторно измешајте убаво додека смесата е без грутки. Оставете поклопено да отстои на топло место околу 10 минути. За тоа време растопете го путерот на рингла.




Надојдениот квасец може да го префрлите во поголем сад доколку почнал да прелива во првиот. Додајте ја киселата павлака, па постепено започнете да го додавате брашното. Додајте го путерот, па солта и на крај оцетот. Убаво измешајте го тестото да се соединат состојките, а потоа преминете на месење со раце додека да формирате фино, меко и мазно тесто кое нема да се лепи под прсти.




Тестото треба лесно да се одвојува од садот без да се лепи. Потоа покријте го со памучна крпа и оставете да надојде 30 минути на топло место. Во меѓувреме, подгответе ги состојките за филот: шунката исечкајте ја ситно на коцки, а моцарелата изрендајте ја.




Кога тестото ќе стаса префрлете го на набрашнета рамна површина и убаво развлечете го (не треба да биде премногу тенко). Премачкајте го со малку путер, па одозгора наредете ја моцарелата. Потоа парчињата шунка распоредете ги насекаде низ тестото.




Завиткајте како ролат, почнувајќи од едната страна на тестото и внимателно формирајте ролат до крајот. Убаво „залепете“ ги страните каде што завршуваат краевите на тестото. Премачкајте го целиот ролат со 1 јајце.




Ставете го ролатот врз плех обложен со хартија за печење, па наросете го со сусам. Исто така сусамот можете да го ставите на хартијата за печење, па ролатот да го валкате низ хартијата за да се залепат семките. Пред да се стави на печење, ролатот се сече на помали парчиња и се печат легнати.




Рерната вклучете ја да се загрее на 180 степени, а пред да ги ставите ролатчињата на печење, премачкајте ги од внатрешноста со јајце. Печете околу 25 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.