Направете си вкусни лепињи за појадок за кои сите ќе ви побараат рецепт. Се подготвуваат брзо и лесно, без многу чекање на тестото, а не се ни меси премногу. Секоја лепиња излегува голема и доста е заситна. Највкусни се доколку се јадат без ништо, а може само да ги послужите со шолја јогурт.




Од овој рецепт излегуваат 4 поголеми лепињи, доволни за едно четиричлено семејство. По потреба, може да ја зголемите количината на состојките. Откога ќе го замесите тестото, постапката е многу едноставна, само се соединуваат по неколку и се ставаат да се испечат на тавче со капак. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша топла вода (200 мл), 1 лажица квасец (10 г), 4 лажички шеќер, 1/3 чаша растително масло (60 мл), 1 чаша топло млеко (200 мл), 1/2 лажичка сол, 5 чаши брашно (600 г) + 30-50 г за работа со тестото, 100 г путер.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете една чаша топла вода, па додајте го сувиот квасец од 1 кесичка (10 г). Малку промешајте ги состојките со кујнска жица/маталка, додека да се соединат, па додајте 4 лажици од шеќерот и повторно соединете додека шеќерот и квасецот да се растворат во водата. Оставете квасецот да набубри 3-5 минути на топло место.




Потоа прелијте со 1/3 чаша масло, па додајте 1 чаша млеко на собна температура. Повторно соединете додека да се добие хомогена смеса. На крајот се излева смесата од суви состојки. Обично при секое месење на тесто најдобро е сувите состојки да ги додавате на крај и постепено, за тестото да добие совршена текстура, особено ако го правите без мерки.




Околу 500 г брашно измешајте го со солта и преку сито, просејте го во влажните состојки. Соединете ги состојките со лажица, додека да почне смесата да се згуснува и да се формира тесто. Кога ќе почне да се соединува, преминете на месење со раце и замесете фино, меко и мазно тесто. Тестото не треба да го месите долго време за да остане меко, доволно е само да се соедини и да не се лепи под прстите.




Оставете го тестото да отстои на топло место, покриено со капак или кујнска крпа околу 45 минути додека да ја удвои својата големина. Потоа префрлете го на рамна набрашнета површина и домесете го уште малку додека да се испуштат акумулираните гасови од него. Тестото поделете го на 12 еднакви делови и секој дел формирајте го во топче.




Омекнатиот путер поделете го на 8 коцки и секоја коцка ставете ја врз едно топче тесто, само на 8 топчиња, а останатите 4 да останат празни. Земете едно топче со путер и на средина притискајте го путерот, додека тестото да почне да се растегнува. Кога путерот ќе се впие во тестото развлечете го уште малку со прстите, колку што можете во круг.

Врз него ставете уште едно тесто, со путер и на истиот начин развлечете го, со иста големина, како тестото под него. Одозгора се става трето, празно тесто (без путер) и повторно се развлекува како едно. Замесете го тестото од 3 кори со преклопување на надворешните страни кон внатре, како да го диплите.

Формирајте го повторно во круг кој треба да биде малку подебел. На овој начин подгответе ги и останатите 4 кори, кои одат две со путер и една без путер. Подготвените кори печете ги во тефлонско тавче со големина на лепињите или малку поголема на средна умерена температура. Нема потреба од намастување на тавчето.

Секоја лепиња се пече по 3 минути од страна, под капак, за да се испече и однатре. Додека се пече првата страна, врз непечената избоцкајте малку со чепкалка за да се испуштат насобраните гасови. Внимавајте да не ви загорат лепињите, повремено проверувајте ги. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.