Може да ја правите како предјадење за некоја пригода или за појадок, ручек или вечера. Двата рецепти се однесуваат на пита со спанаќ и сирење, од кој од првиот се замесува тесто, а вториот се прави со готови кори.. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 200 мл млеко, 100 мл масло, 1 белка, 2 лажички сол, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка прашок за печиво, 1 кесичка сув квасец, 600-700 г брашно. ПРВ ФИЛ: 100 г сирење, 1 јајце, 1 лажица пченкарно брашно.




ВТОР ФИЛ: 200 г спанаќ, 100 г сирење, 1 јајце, 1 лажичка пченкарно брашно. И УШТЕ: 1 жолчка за премачкување, сусам, ленено семе. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 500 г готови кори за пита. ЗА ФИЛ: 300 г спанаќ, 500 г полумасно сирење или таканаречено пита сирење, 2 јајца, малку сол.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во подлабок сад ставете една чаша млако млеко, половина чаша масло, една белка од јајце, две лажички сол, една лажичка шеќер и една лажичка прашок за печиво. Промешајте убаво да нема грутчиња, а потоа додајте еден сув квасец и повторно промешајте.




Откако ќе се изедначи смесата започнете постепено да додавате брашно. Во почеткот мешајте со лажица, а потоа замесете со рака. Тестото префрлете го на набрашнета работна површина и добро изработете го додека да добиете убаво, еластично, средно меко тесто.




Покријте го со фолија и оставете го да стасува еден час на собна температура, додека убаво да ферментира и да го удвои волуменот. Во меѓувреме пригответе го првиот фил: со виљушка издробете го сирењето, додајте лажица пченкарно брашно и јајцето, па помешајте.




Подготовка на вториот фил: Спанаќот кратко обарете го во врела вода во која сте додале малку сол и една лажица оцет или лимонов сок, исцедете го и исечкајте го. Додајте ситно сирење, лажица пченкарно брашно и јајце, па убаво промешајте.




Стасаното тесто поделете го на два дела, а секој дел развлечете го со оклагија во тркалезна кора (за да добиете идеален круг послужете се со тепсија како модла). Кората префрлете ја во плех обложен со хартија. По краевите нанесете го првиот фил од сирење и јајце. Во средината ставете го вториот фил од спанаќ.




Одозгора поклопете со втората кора, па со прстите притиснете за да се одделат филовите и да се добие форма на цвет. Потоа надворешниот прстен (оној со сирење) исечете го на ленти со широчина од приближно 2 см и вртете ги пресечената страна нагоре.




Одозгора премачкајте ја со жолчка, наросете обилно со сусам, а средината наросете ја со ленено семе. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени додека да зарумени.

ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Измешајте го ситно сечканиот спанаќ со сирењето и јајцата. Секоја кора попрскајте ја со малку растопен путер и масло (не премногу). Прво редете 3 кори, па филот, потоа 2 кори, фил и така додека да го потрошите целиот материјал.

Филот ставете го со лажичка само до половина од кората, па извртете ја како за обична пита, па потоа развлечете ја така извиткана, почнувајќи од едниот крај до другиот во форма на ползавец (како роза).

Тестото се реди во помала тркалезна тава (со големина на поголема чинија) една до друга лента како цвет. Премачкајте со жолчка и печете прво на повисока температура 10 минути, па намалете на 180 степени и допечете уште 30-35 минути. Деталите од првиот рецепт можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.