Оваа пита со кромид и сусам ќе ве освои веднаш по првиот залак. Кога јас првпат ја приготвив и ја испробавме со домашните, едноставно си помислив, како ли само не сум го знаела рецептов порано? Брза и едноставна подготовка, а толку добар вкус. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша масло (од 200 мл), 1 чаша густ јогурт (220 г) или кисела павлака, 1 лажичка сол (4 г), 1 лажичка прашок за печиво (5 г), 360 г брашно. ЗА ФИЛ: 2 главици кромид, 45 мл масло, половина китка свеж магдонос. И уште: 1 жолчка и сусам за наросување одозгора.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го маслото (јас користам маслиново масло), па додајте го густиот јогурт (се нарекува „грчки“, но ако немате таков, заменете го со кисела павлака). Потоа додајте сол и прашок за печиво.
Добро промешајте со виљушка или шпатула додека да се разбијат состојките и да се изедначат пред да го додадете брашното. Дури потоа започнете со постепено додавање на брашното.
Мешајте со шпатулата додека можете, а на крај кога ќе го додадете сето брашно, малку доработете го тестото со рака. Тоа е меко и ровко и воопшто не се лепи. Ова тесто нема квасец и не треба да стасува, но сепак треба да го оставите 10 минути за да одмори.
За тоа време можете да го приготвите филот: двете главици кромид излупете ги, а магдоносот измијте го и оставете го да се исцеди. Кромидот исечете го на месечинки, а магдоносот колку што можете поситно.
Потоа кромидот ставете го во тава и со малку масло запржете го на умерена температура додека да омекне. Посолете и зачинете го со црн мелен пипер, црвен зачински пипер и ароматични билки по ваш избор.
Исклучете го огнот, па додајте го магдоносот и уште еднаш промешајте додека кромидот рамномерно да се помеша со зачините и магдоносот. Тргнете го на страна, малку да подизлади.
Тестото малку размесете го на работна површина (набрашнете со сосем малку брашно), а потоа поделете го на два еднакви делови. од секој дел формирајте топка. Потоа од секоја топка со помош на оклагија развлечете тенка кора (по потреба набрашнете ја површината).
Кората треба да биде со величина на тепсијата во која ќе се пече питата. Префрлете ја кората во тепсијата (бидејќи е меко тестото, најдобро е да се спакува како што е опишано во видеото и на тој начин да се префрли).
Потоа распоредете го филот, а одозгора поклопете ја втората кора. Добро спојте ги долната и горната кора со рабовите и натапкајте со рака. Питата одозгора премачкјате ја со една жолчка од јајце, па исечете на квадрати.
Одозгора наросете сусам, па ставете да се пече во загреана рерна на 180 минути околу половина час, додека да зарумени. Оставете малку да подизлади, па послужете ја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.