Со овој рецепт добивате фантастично мек и вкусен леб за кој нема потреба од напорно месење и премесување. Сите состојки ги мешате со лажица, оставате да стаса, а потоа тестото го печете во рерна.
Потребни состојки пред ферментирање на квасецот: 1 чаша топла вода (200 мл), 1 шолја брашно (120 г), 10 г сув квасец или 1 кесичка. За тестото: 1 чаша топла вода (200 мл), 3 шолји брашно (360 г), 1 мала лажичка сол (8 г).
За премачкување: 1 и пол лажица брашно (40 г), 20 мл ладна вода, 50 мл топла, зовриена вода, 1 жолчка. И семки како сусам, ким за наросување, можете одозгора на ставите и сува мајчина душица, рузмарин, копар…
Постапка: Во подлабок сад ставете 1 чаша топла вода, додајте 1 кесичка сув квасец и 1 шолја брашно. Ако користите свеж квасец тогаш ставете 1/2 коцка. Добро измешајте со жица за матење до соединување на еднолична, полугуста смеса без грутчиња.
Покријте го садот со проѕирна фолија и оставете го на топло место над парно или во топла кујна да се развие околу 20 минути. Потоа тргнете ја фолијата и додајте уште 1 чаша топла вода и 3 шолји брашно.
Пред крајот додајте сол и убаво измешајте ја смесата со лажица додека да почне да се формира тесто. Тестото не го премесувајте многу, важно е само да се соединат состојките. Покријте го повторно со крпа и оставете го да стаса уште 20 минути на топло место.
Потоа префрлете го на набрашнета површина и премесете го уште малку додека да престане да се лепи. Поделете го на два еднакви делови и развлечете ги овално како за пастрмајлија.
Ставете ги тестата на плех со хартија, а на средина одвојте ги со вишокот хартија за да не се залепат при печење. Повторно покријте ги со кујнска крпа и оставете ги настрана да стасуваат додека ја подготвувате смесата за премачкување.
Смеса за премачкување: Во чинија ставете 1,5 лажица брашно, додајте 20 мл топла вода и промешајте. Потоа додајте 50 мл зовриена топла вода и соединете во компактна смеса. На крајот додајте ја жолчката и разматете ја во смесата.
Оваа смеса се премачкува врз лепињите, а потоа се декорираат по страните со вдлабнувања со прстите. Истото се прави и на средина додека направите мали коцки во тестото (како што е прикажано на видеото подолу).
Одозгора може да ги наросите со сусам, ким, мајчина душица, рузмарин, копар… Лепињите се печат во претходно загреана рерна на 250 степени, 15 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.