Ако сакате вкусни, а сепак здрави слатки кои ви дадат енергија, а не празни калории, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. овој ролат не треба да се пече, а за негово приготвување не користите ниту шеќер, ниту брашно, ниту путер или масло…
Овој енергетски ролат подеднакво го сакаат децата како и возрасните. Изобилува со здрави масти и јаглехидарти кои организмот може лесно да ги апсорбира. Овие хранливи состојки доаѓаат од разните семиња и јатки кои се основа на овој рецепт… Еве што сè ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 30 г ленено семе, 50 г семки од сончоглед (непечени), 100 г ореви, 150 г суви смокви (10 минути потопени во млака вода за да се хидрираат), 150 г суви сливи, 100 г суво грозје (или брусница), 100 г овесни снегулки, 25 г сусам
ПОСТАПКА: За да се извлече аромата од семето, потребно е тоа претходно малку да се истостира на умерена температура. Во празна, нелеплива тава, ставете го лененото семе и излупените семки од сончоглед.
Малку „пропржете“ ги со постојано мешање додека да започнат да „пуцкетаат“ и да мирисаат привлечно. Малку ќе заруменат. Тргнете ги од оган, истурете ги во некој сад и оставете ги да се оладат.
Врз даска за сечење иситнете 100 г ореви, а истото можете да го направите и во „сечко“ или блендер, само внимавајте да не ги сомелите премногу. Ставете ги во некој подлабок сад.
Од целото суво овошје, „најсуви“ односно најдехидрирани се сувите смокви, па затоа потребно е нив претходно да ги натопите во обична вода или во сок, за малку да станат сочни. Потоа и нив ситно исечкајте ги.
Сувите сливи обично се посочни, па за нив не е потребно „киснење“. Исечканите смокви (со отстранети дршки) заедно со сливите ставете ги во блендер и сомелете ги. Смесата е густа и леплива.
Во блендерот додајте и 100 г суво грозје. Доколку ви се чини дека е многу суво, тогаш и него претходно натопете го 10-тина минути во вода или сок (или во рум кој сака). Заедно миксајте уште неколку минути.
Добиената смеса истурете ја во сечканите ореви, па додајте го и лененото семе и семките од сончоглед. На крај додајте и 100 г овесни снегулки.
Смесата е доста густа, па потребно е убаво да се измеси со рака додека да се соединат сите состојки. Од добиената смеса можете да приготвувате бомбици, но може да приготвите и ролат како мене: врз среч-фолија истресете ја целата смеса, па со малку навлажнета или намастена рака формирајте ваљак.
Потоа со фолијата дооформете го ролатот, па оставете го фрижидер неколку часа да се стегне. Потоа извадете го од фолијата и истрклајате го врз сусам. Сечете парчиња и сладете се. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.