Фото и рецепт: Натка Талеска
Рецептот за оваа раскошна пита ни го испрати нашата драга читателка Натка Талеска.
Потребни состојки:
500 г брашно
¼ свеж квасец
млака вода по потреба
фил по желба
маргарин за премачкување
Постапка:
Квасецот се активира во еден филџан за кафе млака вода со едно лажиче шеќер и едно лажиче брашно и се остава 10-тина минути да стасува.
Активираниот квасец се додава во брашното со едно лажиче сол и со постепено додавање на малку млака вода се замесува мазно тесто. Се покрива и се остава да одмори околу 10-15 минути.
Потоа од тестото се кинат мали парчиња и се прават топчиња со големина на орев. Мене ми излегоа 26 (треба да излезат парен број за да се подела на две купчиња).
Секое топче се расукува и се премачкува со маргарин освен последното кое е најгоре.. На две места се редат една врз друга, по 13 кори.
Од секој куп се развлекува по една кора со големина на тепсијата во која ќе се пече питата.
Кората се прска со малку масло и се филува по желба. Јас ставив урда, јајце и штавеј, а може и спанаќ или блитва.
Одозгора поклопете со втората кора, а на средината ставете широка чаша или сад. Од него исечете ја питата на зраци започнувајќи прво со 4, па 8 и 16.
Секој зрак се витка во спирала. Се остава 10-тина минути да одмори, па одозгора се става на неколку места мали парченца маргарин. Се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20-25 минути.
Фото и рецепт: Натка Талеска