Кечапот е ароматичен додаток на јадењата направен од домати, разновиден иситнет зеленчук и зачини. И, да не го заборавиме – шеќерот.
За повеќето луѓе кечапот е составен додаток на сендвичите, хамбургерите, помфритот и останатата брза храна. Сепак, вашиот омилен додаток на брзата храна е всушност преполн со шеќер, дури и повеќе отколку што мислите.
Една порција кечап (количина од една супена лажица) содржи дури 4 грама шеќер, додека едно мало пакување кечап кое се служи по рестораните за брза храна, содржи повеќе од два грама.
Препорачаниот дневен внес на шеќер е околу 10% од вкупната внесена храна, отприлика од 50 до 60 грама, а во таа количина се вклучени и шеќерите од слатките намирници, како што е овошјето.
Најмногу шеќер содржат газираните пијалаци, пивото, слатките и соковите.
Шеќерот е всушност главниот виновник за епидемијата на дебелина во западните земји, која доведува до многубројни здравствени проблеми како што се дијабетес и срцеви заболувања.
И без разлика на многуте предупредувања од страна на лекарите и нутриционистите за опасностите од шеќерот, човекот во просек, за време на животниот век, изедува околу 1,75 тони шеќер.