Освен што се вкусни, овие велигденски пилиња се прекрасна декорација за вашата велигденска трпеза.
Потребни состојки: 600 г брашно, 1 квасец, 1 лажичка сол, 2 лажици шеќер, 200 мл масло маслиново, околу 250 мл млака вода или по потреба, 80 мл масло + за премачкување и суво грозје или црн пипер во зрно
Постапка: Брашното просејте го, направете бунарче во средината, додадете млака вода, па во него размешајте го инстант квасецот. Покријте го и оставете го на топло место да стасува 30-40 минути, додека убаво да се активира квасецот. Повремено промешувајте го.
Потоа во брашното додадете сол, шеќер и маслиново масло и замесете го тестото, додека да добиете средно меко и еластично тесто кое не се лепи на раце.
Садот намастете го, па во него ставете го добро измесеното тесто, формирано во топка, па одозгора садот покријте го со мокра и исцедена крпа и оставете го 2 часа да стасува.
Откако еднаш ќе стаса, премесете го нежно и оставете го уште да стасува, барем на 20 минути. Потоа тестото поделете го на 17 мали топчиња, секое по 55 г. Топчињата правете ги со овална форма.
Покријте ги со пластична кеса или влажна крпа околу 15 минути за да не се исушат. Потоа од секое топче формирајте ваљак со помош на дланките, а потоа досучете го на работната површина. Завиткајте го помеѓу два прста како машна, а потоа крајот потпикнете го во формираниот јазол.
Од едниот крај формирајте ја главата со клунот, а другиот крај малку сплескајте го за да ја формирате опашката, а потоа засечете ја на неколку места со ножици.
Со чепкалка направете дупчиња за очите, а во нив ставете црн пипер во зрно (бибер) или парченца суво грозје. Засечете го клунот со ножици.
Вака формираните пилиња наредете ги во плех обложен со хартија за печење и ставете ги во ладна рерна во чие дно ќе ставите сад со врела вода. Оставете ги 20 минути да стасуваат.
Потоа пилињата извадете ги од рерната и вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени.
За тоа време пилињата премачкајте ги со црн чај. Оставете ги уште 5 минути, па потоа ставете ги да се печат во загреаната рерна околу 20 минути, додека да заруменат.
Печените пилиња одозгора премачкајте ги со растително масло. Целото видео со постапката можете да го погледнете во видеото подолу: