Многу ме заинтересира овој рецепт кога налетав на него и за среќа ги имав сите потребни состојки (а верувам дека и вие ги имате). Не ми одзеде повеќе од половина час, а резултатот сите нè воодушеви – перфектна закуска која може така да ја јадете, да ја послужите како предјадење, за појадок, вечера…
Рецептот е за чиста десетка, ние за час ги изедовме „прстите со лукче и кашкавал“ (како што ги нарековме), па направив нова тура, а денес ќе правам во двојна или тројна количина. Испробајте ги вие, нема да згрешите со овој рецепт. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за две лепчиња од 22х17 см): 200 г брашно, 5 г инстантн сув квасец (половина мала лажичка), 8 г шеќер (1 супена лажица), 4 г сол (половина мала лажичка), 15 г маслиново масло (2 супени лажици), 120 мл топла вода.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СОС: 10 г мелен лук (0,5 супена лажица), 20 г растопен путер (2 супени лажици), 30 г крем сирење (1 голема супена лажица) – не мора, но повкусно е. ЗА НАРОСУВАЊЕ: 280 г моцарела/кашкавал по избор, пармезан, оригано или магдонос, ЗА ПОТОПУВАЊЕ (при послужување): мед или доматен сос
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење растворете го сувиот квасец заедно со шеќерот во млака вода. Брашното можете да го додавате постепено или одеднаш, бидејќи сепак ова е мала количина и излегува мало тесто кое лесно се меси.
Со брашното додајте и сол, промешајте, а потоа започнете со рачно месење. тестото на почетокот е малку суво и ронливо, но кога ќе стане комапктно прелијте го со маслиново масло и домесете го.
Ако ви се лепи за рака, едноставно фрлајте го од повисоко во садот или врз работната површина и за кратко време ќе стане меко и еластично. За да го измесите сè вкупно ќе ви бидат потребни приближно 8-10 минути, а може и помалку (сè зависи од типот на брашното).
Покријте го со проѕирна-стреч фолија и оставете го да одмора на топло место (36-40 степени Ц), без провев, додека да го зголеми волуменот за два-три пати. Во меѓувреме растопете 20 г путер, 30 г крем сирење (или кисела павлака), 10 г мелен лук (може и повеќе) и промешајте ги додека да добиете кремаста смеса.
Стасаното тесто поделете го на два дела, а секој дел премесете го малку за да излезе воздухот, па обликувајте топчиња. На малку набрашнета површина развлечете тенка кора во облик на правоаголник, па префлете ја во плех обложен со хартија за печење (и дополнително обликвајте ја со раце).
Преку цела површина одозгора кората премачкјате ја со половина од приготвениот сос од лук, па наросете рендан кашкавал или моцарела. Наросете оригано или магдонос, малку рендан пармезан и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 210 степени околу 8-10 минути (во зависност од рерната).
Оставете на решетка малку да се подизлади. Додека се пече првото лепче, постапката повторете ја и со вториот дел од тестото. Сечете на тенки ленти-„прсти“ и послужете во слатка или солена варијанта по вкус. Во видеото ОВДЕ послужуваат со мед или во вкусен доматен сос. Ние ги јадеме какви што си се, и многу ни се вкусни.