Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден. На Василица верниците кои се водат по овој календар кршат и пита со паричка и исто така се верува дека на оној кој ќе му се падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година.




Постојат 2 верзии на василичарска погача, може да ја направите блага или солена. Јас одлучив за овој прекрасен ден да ја направам солената верзија со пченкарно брашно. Питата излегува мека како памук и изгледа многу примамливо. Подготовката одзема буквално 5 минути, затоа припаѓа во омилените пити-погачи. Може да се послужи со чаша јогурт или со некоја убава салата. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 2 лажички сол, 4 чаши од 150 мл газирана вода, 4 чаши масло, 4 чаши пченкарно брашно, 4 чаши пченично брашно, 4 лажици или 180 г кисела павлака, 400 г сирење по ваш избор, 1 кесичка прашок за печиво. Како мерка се користи 1 чаша од 150 мл за сите состојки кои се мерат со чаша.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете ги четирите јајца. Со обична жица/маталка изматете додека да станат пенасти. Додајте 2 лажички сол, повторно промешајте, па прелијте со 4 чаши газирана вода. Јас користам обични чаши за кафе. По додавање на газираната вода, веднаш потоа додајте го маслото. Соединете ги состојките.




Со истата чаша измерете 4 чаши пченкарно брашно, па исто толку и пченично. Додајте 4 големи лажици кисела павлака. Јас секогаш користам повеќе кисела павлака, додека целата лажица да ја наполнам, како планина.

Додајте го сирењето, кое претходно треба да биде малку издробено. На крајот се става прашокот за печиво и сите состојки се соединуваат додека да се добие еднолична смеса, без грутчиња од сувите состојки.




Во еден плех или тава (со кружна или правоаголна форма), обложете хартија за печење и малку намастете од дното и од страните. Излејте ја питата и добро измазнете ја, па потчукнете го плехот од рамна површина за да излезат акумулираните гасови. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, па испечете ја питата околу 30-35 минути, во зависност од јачината на рерната.




По печењето, питата се остава да се олади сосем малку, колку да не е врела, па се сече на коцки и се послужува топла со чаша јогурт. Оваа пита е една од најубавите и најмеките пити. Пројата може да се подготвува и со квасец и во тој случај има малку поразличен вкус, повеќе е како пита. Во продолжение прочитајте еден од најдобрите рецепти за пченкарна пита-проја со квасец.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кисело млеко (200 г), 10 г квасец, ½ прашок за печиво, 200 г тврдо сирење, 2 јајца, 2 чаши (од 200 мл) пченкарно брашно, 1 чаша гриз, 50-100 мл масло, 1 лажичка сол или по вкус и малку газирана вода за да се замеси (околу 100 мл).




ПОСТАПКА: Во еден сад ставете две чаши пченкарно брашно и една чаша гриз, измешајте. Додајте две јајца и една чаша кисело млеко. Посолете по вкус, па додајте половина прашок за печиво, квасец малку растворен во вода, половина чаша масло и издробено сирење.

Сите состојки добро измешајте ги и додајте газирана вода за да добиете погуста смеса од онаа за палачинки. Сирењето не мора да биде целосно растопено, туку може да има поголеми парчиња кои ќе се чувствуваат после печењето.

Смесата излејте ја помал плех или калап за торти обложен со хартија за печење. Ставете ја во претходно загреана рерна на 200 степени и печете ја околу половина час. Деталите од целата постапка за првиот рецепт можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.