Рецепт и видео презентација на “Мое Катче” – Колачиња кои се топат во уста. Овие ванилици се посни, но секако, можете да ги приготвите и во масна варијанта доколку користите путер или маст. Овие колачи се печат во загреана рерна на 180 степени, само 12 минути. Треба да останат со светла боја.
Потребни состојки: 250 г маргарин омекнат на собна температура (кој сака може да употреби путер или маст), 100 г шеќер во прав, рендана кора од лимон, исцеден сок од половина лимон, 1 кесичка ванилин шеќер, 50 г мелени ореви, 400 г брашно тип 400 или некое друго брашно по ваш избор.
Уште ќе ви биде потребно џем по ваша желба за лепење на колачињата и шеќер во прав за валкање на ванилиците. Доколку сакате во шеќерот во прав додадете и неколку кесички ванилин шеќер.
Постапка: Омекнатиот маргарин на собна температура, изгмечете го со помош на виљушка. Додадете шеќер во прав и ванилин шеќер и продолжете со матење. Маргаринот можете да го изработите со виљушка или со миксер, како ви е полесно.
Изрендајте и додадете малку кора од лимон и исцеден сок од половина лимон. Уште еднаш добро промешајте за да се соедини лимоновиот сок. Потоа додадете мелени ореви, повторно промешајте за убаво да се соедини.
Постепено во смесата додавајте меко брашно и месете со рака. Брашно додавајте сè додека тестото е меко. Убаво изработете го со рака. Се меси додека да почне да се одвојува од ѕидовите на ѕидот и да не се лепи за раце, а сепак да е меко и лесно да се обликува.
Вака добиеното тесто развлечете го со помош на оклагија во тенка кора со 0,5 см дебелина, па со помош на ракиена чашка, капаче или модли со разни форми вадете ги колачињата. Формите вадете ги и редете ги во плех обложен со хартија, а остатокот од тестото повторно соберете го и формирајте го топка.
Потоа развлечете го во кора и повторно вадете форми. Постапката повторувајте ја додека да го потрошите целото тесто. Ванилиците ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 12 минути. Проверувајте ги и внимавајте да ја задржат светлата боја.
Печените колачи оставете ги малку да подизладат, па спојувајте ги две по две: намачкајте едно колаче со џем па поклопете го со друго колаче и така ќе добиете сендвич. Вака лепените колачиња валкајте ги во шеќер во прав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.