Рецепт на Скопјанка. „Редовно правам пити, но досега никогаш претходно не сум направила со млади тиквички, кои инаку ги обожавам. Се изненадив каков одличен вкус и дадоа на питата (искрено не очекував), па отсега редовно ќе ги правам питите вака. Препорачувам да ја испробате зашто навистина е одлична. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): околу 800 г меко брашно, 1 лажица сол, 1 лажица маслиново масло, топла вода по потреба. ЗА ФИЛ: 1 кг млади тиквички, 3 јајца, 1 лажица сол, 2-3 полни лажици кисела павлака, палку црн и бел пипер во прав. И УШТЕ: 120 г путер и 120 г масло
ПОСТАПКА: Во просеано брашно додајте една лажица сол и лажица маслиново масло, па започнете постепено да додавате млака вода. Замесете меко тесто кое не се лепи на рака. Потребно е да го месите околу 8-10 минути за да се постигне еластичнот и тоа да стане мазно.
Измесеното тесто поделете го на два еднакви делови, а од секој дел формирајте топка. Намастете ги од сите страни со малку масло за да не фаќаат корички, па прекријте ги со проѕирна-стреч фолија. Оставете го вака тестото да одмори најмалку половина час до 40 минути.
Тиквичките изрендајте ги, посолете ги и оставете ги добро да се исцедат (ова можеби е најдобро да го направите пред замесување на тестото, но има време и додека тестото одмора. Со рака добро исцедете ги и ставете ги во некој подлабок сад. Во тиквичките додајте ги јајцата и киселата павлака, па зачинете по вкус.
Филот се приготвува непосредно пред развлекувањето на корите за да не испушти вода (значи тиквичките нека ви бидат исцедени, а јајцата и павлаката додајте ги пред филувањето). Добро измешајте за да се изедначи.
Во меѓувреме растопете го путерот и промешајте го со маслото. Оваа мешавина е потребна за прскање на корите при нивното развлекување. Набрашнете ја работната површина па со оклагија развлечете ја првата кора колку што можете потенко.
Потоа испрскајте ја со топлото масло. Развлекувајте ги само краевите, па кога доволно сте ги истенчиле, нанесете го филот од тиквички наоколу покрај краевите како прстен, па повторно испрскајте со маслото и преклопете со краевите на кората.
Преклопените краеви повторно испрскајте ги со масло, па продолжете да истенчувате и да преклопувате…
Влечете ги краевите сè додека можат да се истенчуваат и повремено попрскувајте со маслото, па средината исечете ја со нож за да добиете една голема кружница-ролна. Потоа исечете ја на еден крај, па наредете ја во соодветен плех (претходно намастен) и одозгора испрскајте со масло.
Постапката повторете ја и со другото тесто, а кога ќе се исполни целиот плех ставете да се пече питата во претходно загреана рерна на 250 степени околу 40 минути или додека убаво да зарумени. Послужете топло со јогурт, кисело млеко, сирење или туршија. Рецепт на Скопјанка.