Времето ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. На места ќе провејува снег. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 2, а максималната ќе достигне од 1 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди и со умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Во четврток ќе преовладува променливо облачно и студено време со слаб локален снег и ќе дува засилен северен ветер, особено во источните делови. Од петок времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Жителите од селото Герман, општина Ранковце, втор ден се отсечени поради високата снежна покривка и наносите од снег кои наместа изнесуваат и над еден метар.
Дваесет и девет дечиња што посетуваат настава во училиштето втор ден не се на училиште, но властите веќе работат на расчистување на патниот правец.
– Станува збор за планинско село, на 1400 метри надморска височина и снежната покривка е висока, околу седумдесетина сантиметри, додека наносите од снег некаде надминуваат и еден метар. Патот Ранковце-село Герман е регионален, во надлежност на Јавното претпријатие Македонија пат и специјализирани возила за расчистување веќе се на терен.
Според моите сознанија речиси половина од патот е пробиен и до попладневните часови се очекува истиот да биде расчистен и да можат жителите непречено да функционираат, информира градоначалникот на Општина Ранковце, Борче Спасовски.
Во општината нема формирано снежна покривка, рече Спасовски, бидејќи температурата на воздухот е околу пет степени и снегот што паѓаше вчера попладне и ноќеска, се стопил.
Во следните денови ќе се задржи променливо облачно време. Утре во планинските подрачја ќе има врнежи од слаб снег, а ќе дува и засилен северен ветер, особено во источните делови. Локални врнежи од дожд и снег ќе има во сабота кон крајот на денот и во текот на ноќта. Од понеделник ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури.
– Како што најавивме, услови за локално провејување на снег ќе има и во текот на утрешниот ден а ќе дува и засилен ветер од северен правец (на некои места со брзина и од над 60 км/час). Потоа од петок па натаму следува период на претежно стабилно и суво време со многу повеќе сончеви периоди.
Наутро температурите ќе бидат МНОГУ НИСКИ и понекаде ќе се спуштаат до околу -10 степени, додека максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 10 степени – вели метео прогнозерот Славчо Попоски.
И во Скопскиот регион утре ќе дува засилен ветер од северен правец, а времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со услови за сосема слабо и локално провејување на снег. Потоа во следните денови следува период на претежно стабилно и суво време со многу повеќе сончеви периоди.
Наутро ќе биде МНОГУ СТУДЕНО со минимални температури кој ќе се спуштаат во интервалот од -7 до -2 степени, додека максималните ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 7 степени. Повисоки максимални дневни температури ќе имаме за време на викендот и истите ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 13 степени.