За љубителите на шербетни колачи овој рецепт е сон. Колачите се сочни, многу вкусни, со нота на карамел, се топат во уста и толку се неодоливо вкусни, што секој бара уште по едно колаче. Во продолжение можете да го прочитате оригиналниот турски рецепт во презентација на Мухамед Реџепи (рецепт 1), како и македонската верзија на овие сочни колачиња во презентација на Родна Трпеска (рецепт 2). Еве што ви е потребно:

Шеќерпаре – Мухамед Реџепи (рецепт 1)




Шеќерпаре – Мухамед Реџепи (рецепт 1)

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (чаша од 200-250 мл): 4 чаши шеќер, 4 чаши вода и 1/2 лимон за шербет. За тесто: 200 г путер, 2 јајца, 50-80 мл масло (1 мал филџан за кафе), 1/2 лажичка сол, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 1/2 лажичка сода бикарбона, 1/2 чаша гриз, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), брашно по потреба

Шеќерпаре – Мухамед Реџепи (рецепт 1)

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (чаша од 250 мл): 3 чаши шеќер и 3,5 чаши вода за шербет. За тесто: 2 јајца, ½ чаша од 250 мл шеќер, 125 г путер/маргарин, ½ чаша гриз, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 2 чаши брашно

Шеќерпаре – Родна Трпеска (рецепт 2)




ПОСТАПКА за рецепт 1: Најпрво се приготвува шербетот, но, не било каков, туку карамелизиран. Во тенџере ставете 2 чаши шеќер и загревајте на умерена температура додека тој да започне да се растопува.

Кога ќе добие карамел боја, додајте ја водата постепено (4 чаши), како и остатокот од шеќерот (2 чаши). Кога целосно ќе се растопи додајте и сок од половина лимон. Промешајте и варете го сирупот уште минута-две, па тргнете го настрана и оставете целосно да се олади.




За тесто: Во еден сад ставете 200 г путер омекнат на собна температура, додајте две јајца (исто на собна температура), па соединете ги со виљушка. Додајте еден мал филџан за кафе масло, 1/2 лажичка сол, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 1/2 лажичка сода бикарбона и промешајте.




Потоа додајте половина чаша гриз и 1 кесичка ванилин шеќер, па смесата соединете ја со рака. Започнете постепено да додавате брашно, малку по малку, сè додека да добиете густо, меко тесто кое лесно се обликува со рака. Количината на брашно сами ќе ја одредите, а ќе ви биде потребно приближно 2 чаши.




Намастете го плехот во кој ќе ги печете колачите, па кинете парчиња и со дланките обликувајте топчиња со големина на орев. Редете ги во плехот и врз секое ставете по еден лешник и малку боцнете го. Печете ги во претходно загреана рерна на 170 степени додека да заруменат.

По желба може да правите и други облици, а пред печењето да ги премачкате со жолчка. Печените топли колачи се прелеваат со изладениот шербет. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а постапката според рецептот на Родна Трпеска прочитајте ја во продолжение:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Шеќерот и јајцата се матат, па се додава путерот омекнат на собна температура и другите состојки, се месат и се добива тесто.

Шеќерпаре – Родна Трпеска (рецепт 2)

Од тестото се прават топчиња, а со помош на дршката од дрвена лажица, направете дупчиња во средината од секое колаче, и вака наредете ги во плех претходно намастен или обложен со хартија. печете ги во претходно загреана рерна на умерена температура. Излегуваат приближно 40 топчиња.




Шеќерпаре – Родна Трпеска (рецепт 2)

ЗА ШЕРБЕТ: во тенџере помешајте 3 чаши шеќер и 3 ½ чаши вода. Ставете на на оган да се вари од 10 до 15 минути. Шербетот кога е изладен се полева врз врелите колачиња. Во дупчињата се редат јатки од ореви. Ова е најубавото шеќерпаре што некогаш сте го пробале!